Во населбата Трајаново Трло во Кочани денеска свечено беше осветен новоизградениот манастир „Св. Димитриј Солунски“.

Чинот на осветувањето и Светата архиерејска литургија ги предводеше Неговото високопреосвештенство, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, во сослужение со свештенослужителите од Кочанското архиерејско намесништво.

На свеченоста присуствуваа голем број верници, кои со молитва и духовна радост го одбележаа овој значаен ден за православните христијани. Присутен беше и кочанскиот градоначалник, Владко Грозданов.

Манастирот „Св. Димитриј Солунски“ започна да се гради во 2022 година, со благослов на Брегалничката епархија.

Неговата изградба беше реализирана од страна на Црковниот одбор на храмот, со поддршка и донации од бројни граѓани и стопанственици, кои придонесоа ова свето место да стане духовен дом за верниците од регионот.

Осветувањето на манастирот претставува значаен духовен настан и уште еден симбол на заедништвото, верата и традицијата во Кочани и околината.