Според Мицевски, пораката од СДСМ до Коцевски е притисок тој да остане на функција
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, остро реагираше на пораката што денеска пратеникот на СДСМ, Јован Митрески, јавно ја упати до јавниот обвинител Љупчо Коцевски.
„Што значи пораката која што СДСМ денес ја упати кон јавниот обвинител Коцевски: ‘Од тебе зависи дали ќе бидеш со штитот или на него’?“, праша Мицевски.
Тој оцени дека ова не е обична политичка изјава, туку сериозна и опасна порака до Коцевски. Да остане на функцијата и да продолжи да ја брани политичката позиција на СДСМ и ДУИ.
„Ова е опасна и директна порака до Коцевски да остане таму каде што е и да продолжи да ја брани позицијата на СДСМ и ДУИ. Наместо да постапува професионално и независно“, изјави Мицевски.
Според него, СДСМ со оваа порака јасно му става до знаење на обвинителот дека не смее да се повлече од функцијата.
„Не смее да излезе од улогата на ‘заштитник’ и мора да продолжи да ги штити нивните криминали со непостапување, молчење и блокирање на секоја правна акција што би ја погодила нивната мрежа“, додаде тој.
Мицевски истакна дека Коцевски, преку ваквата политичка „поддршка“, станува симбол на одбраната на криминални структури и коруптивни шеми.
„Љупчо Коцевски, со оваа политичка ‘поддршка’ која што ја добива од двоецот СДСМ-ДУИ, се става во позиција да биде симбол на одбраната на криминалните структури и коруптивните шеми кои ја уништија Македонија и ја урнисаа довербата на граѓаните во правосудниот систем“, рече Мицевски.
Тој постави прашање: дали ваквата формулација на СДСМ претставува поддршка или закана кон јавниот обвинител?
„Дали оваа ‘лозинка’ на СДСМ е порака на поддршка или порака на закана кон Коцевски? Едно е јасно и кристално чисто. Денес маските паднаа, а граѓаните ја дознаа вистината!“, порача тој.
Мицевски оцени дека СДСМ и ДУИ се наоѓаат во последен, очаен обид да го спасат Коцевски. Бидејќи, како што рече само така можат да го заштитат својот криминал.
„СДСМ изминатиов период глумеше и манипулираше, но затоа денес НЕ ГЛАСАШЕ ‘ЗА’ интерпелацијата на Коцевски. И токму тука лежи одговорот, зошто ниту еден функционер на СДСМ не е гонет од обвинителството со кое што раководи Коцевски, дури и по една година откако тие се во опозиција“, рече Мицевски.
Тој додаде дека веќе нема „како до сега“. Нема да се дозволи обвинителството да биде алатка за заштита на политичари.
„Нема да дозволиме јавниот обвинител како институција да биде нечија алатка за спас од одговорност – ниту на СДСМ, ниту на ДУИ, ниту на било кој друг политички центар на моќ“, порача координаторот на ВМРО-ДПМНЕ.
Заврши со став дека, според ВМРО-ДПМНЕ, правдата ќе победи.
„Правдата и правичноста ќе победат, а криминалците ќе го добијат заслуженото!“, изјави Мицевски.