Студентите покажуваат голем интерес за ваучерите за електронски уреди, а бројката на пријавени постојано расте. Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека заклучно со вчера 27.000 студенти ги подигнале своите ваучери, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје.
Во врска со шпекулациите дека дел од студентите се обидуваат да ги препродаваат ваучерите, Мицкоски истакна дека тоа е прашање на лична одлука, но и дека таквите обиди немаат практичен ефект.
„Како ќе се искористат, тоа го оставаме на совеста на оние кои ги користат. Владата го започна овој проект, го ветивме и како и многу други, го спроведуваме до крај. Секако, има случаи кога некој може да ги препродава по пониска цена, но мислам дека тоа е неуспешно, бидејќи ваучерите се поврзани со лични податоци. Таквите обиди се јалови и не ме загрижуваат,“ рече премиерот.
Студентите можат да аплицираат за ваучер во вредност од 15.300 денари, наменет за набавка на електронски уред. Јавниот повик останува отворен до 20 декември 2025 година, а уредите треба да се подигнат најдоцна до 31 декември 2025 година.
