Свечено доделување на решенија за невработени
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска ќе додели решенија за самовработување како дел од Оперативниот план за вработување. Настанот ќе се одржи во свечената сала на Владата, а по неговото завршување, премиерот ќе одржи прес-конференција за медиумите, соопшти владината прес-служба.
Со годинашниот Оперативен план Владата вложува над 40 милиони евра за поддршка на активното вработување, преквалификација, самовработување и поддршка на претприемништвото. Преку овие мерки се очекува да се опфатат повеќе од 16.000 невработени лица преку различни програми, обуки и субвенционирани можности за вработување.
Целта на овие мерки, според Владата, е поттикнување на претприемништвото, унапредување на вештините на невработените и полесна интеграција на овие лица на пазарот на трудот. „Овие активности се дел од нашата стратегија за економски развој и создавање функционален пазар на трудот, каде секој граѓанин ќе има еднакви можности“, соопштија од Владата.
