Настанот ќе ги собере сите градоначалници
Денеска на настан во Скопје ќе биде промовиран Ресурсен центар за поддршка на развојот на општините, при што се очекува присуство на сите градоначалници, соопшти Министерството за локална самоуправа.
Воведни обраќања ќе имаат премиерот Христијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, претставникот на УНДП во државава, Армен Григоријан, како и амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Зомер.
Цел и значење на Ресурсниот центар
На седница на Владата во август годинава, на предлог на Министерството за локална самоуправа, беше усвоена Информација за отпочнување на активности за воспоставување на Ресурсен центар за поддршка на развојот на општините.
Центарот е конципиран како институционален механизам кој ќе овозможи долгорочна, одржлива и стручна поддршка за општините во државава. Тој ќе обезбедува специјализирани услуги во областа на административниот менаџмент, планирање на локален и регионален стратешки развој, подготовка на техничка документација и капитално планирање, финансиско планирање и управување, техничка експертиза, јакнење на меѓуопштинската соработка, подготовка на проектни апликации и искористување средства од меѓународни фондови.
