„Вистинскиот избор е во ваши раце“ – порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Велес

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва од митингот во општина Велес, во рамки на изборната кампања под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, остро ја критикуваше Владата предводена од СДСМ. Тој истакна дека, како што рече, „лицемерието на СДСМ кулминирало со вчерашниот говор на Венко Филипче во Струмица“, каде тој зборувал за морал, владеење на правото и етика во политиката, во присуство на неговиот, како што го нарече, „гуру Заев“.

„Потрошивме часови, денови, да изработиме програма. Се консултиравме со народот, побаравме да работат експерти, и го планиравме секој денар кој ќе го употребиме во решенија и проекти. Наместо тоа од другата страна не видовме програма, туку клевети, заговори за личности, подземни игри. Никаде не излегоа со програма, туку голи ветувања за среќа, живот и црвени линии кои, всушност, не се линии, туку поклон за Бугарија,“ рече Мицкоски.

Тој додаде дека кулминацијата, според него, била кога „Венко од Струмица, во присуство на неговиот гуру, говорел за морал и етика во политиката“.

„И додека тоа го зборува, луѓето се чудат и просто со неверување го слушаат човекот чијшто гуру беше во првите редови, како зборува за чесност, за владеење на право, како зборува за морал и етика во политиката,“ изјави Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека „однесувањето на СДСМ и Венко Филипче ја покажува нивната потценетост кон народот“, додавајќи дека вистинскиот ефект од тоа ќе се види на претстојните локални избори на 19 октомври.

„Имаме едно прашање до него: дали е свесен што зборува, каде се наоѓа и што мисли народот за овие негови изјави? Народот, господине Венко Филипче, ниту има намера да те мрази, ниту да те презира, но со оглед на тоа што си направил против народот и државата, без ронка срам излегуваш пред него и се правиш како ништо да не било,“ нагласи Мицкоски.

Тој додаде дека граѓаните „ќе го кажат своето мислење на 19 октомври“ и упати повик за масовна излезеност и поддршка за кандидатот за градоначалник на Велес, Марко Колев.

„Вистинскиот избор за Велес е Марко Колев. Човек кој покажа и докажа како се сака и како се бори за својот град. Марко се бори за секој еден проект, човек кој сум убеден дека следните четири години ќе ја продолжи ренесансата која се случува во Велес овие четири години. Направете го вистинскиот избор на 19 октомври – заокружете го бројот 9,“ порача Мицкоски.