Темелот е поставен, сега почнува фазата на резултати

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на завршниот митинг во Скопје пред вториот круг на локалните избори порача дека државата е стабилизирана по годините на „распад и пустош“, а сега следува период на конкретни резултати кои ќе донесат подобар живот за граѓаните.

„Ни оставија институции што не работеа, економија што одеше надолу и која буквално се распаѓаше, сиромаштија која растеше, морал што беше во минус и не само финансиски, туку и идентитетски, долгови и договори, што ги плаќаме сите ние, граѓаните. Минатата власт ја остави државата во пустош. Го расклопија системот парче по парче, како да бил нивен личен имот. Го претворија јавниот сектор во партиска филијала, институциите во неми сведоци, а народот во заложник“, рече Мицкоски.

Тој додаде:

„Во минатите денови од кампањата среќавам луѓе со надежи и сомнежи, доверба и барање за одговорност. Нивните пораки мора внимателно да се сфатат и со разбирање и благодарност да се прифатат. И јас сум свесен дека обврската која ја имаме и одговорноста која ја носиме е огромна. При овие наши средби со граѓани и наши промоции на програми, секој стисок на рака е договор. Договор дека ќе работиме сериозно, посветено и вистински. Најтежок товар што можеш да го носиш е довербата на еден народ. И тоа секој политичар треба да го знае, дека народот гледа. Нашата задача не е едноставна. Не само заради ситуацијата која ја наследивме, туку таа е многу поголема. Нашата цел не е само политичка победа, туку обновување на вербата дека Македонија може и мора да биде подобра земја. И иако оди потешко од што мислевме, сепак основите ги поставивме. Не можевме веднаш да почнеме со екстремно позитивни резултати, моравме прво да направиме темели. Некои мислеа дека тоа ќе оди преку ноќ. Но, темел не се прави од муабет, туку од пот и многу поминати часови на средби, планирања, анализи, патувања, размена на мислења и одлуки. И токму затоа денес можам да кажам: темелот е поставен. Сега, по изборите, почнува фазата на жестока работа и големи резултати“.

Нови 70 проекти за инфраструктура, образование, здравство и економија

Мицкоски најави повеќе од 70 нови проекти во различни области: инфраструктура, енергетика, здравство, образование, земјоделство, култура, технологија и правда. „Ќе има нови училишта, модерни болници, мерки за чист воздух, дигитална администрација и инвестиции што ќе донесат достоинствени плати“, рече тој.

Тој истакна дека државата мора да биде сојузник на граѓаните:

Да, животот е скап, секој ден е борба со сметки, со гориво, со кирија. Но нема да чекаме да се намалат цените сами од себе. Ќе создадеме услови за повеќе пари во џебот, за поевтино живеење, за повеќе можности. Мора да ја направиме државата сојузник на граѓаните, а не непријателски систем кој е трул и кој ги предизвикува да се иселуваат. Ниту еден млад човек нема да биде оставен без шанса за дом. Ниту една мајка нема да мора да избере помеѓу кариера и семејство. Ниту еден бизнис нема да пропадне бидејќи државата му стои на пат. Тоа е вистинската промена. Ова не е фантазија, ова е план. Затоа го градиме системот што во иднина ќе функционира без оглед на тоа кој е на власт, долгорочно и со коренити промени, затоа што државата не е ничија приватна фирма, туку наш заеднички дом“.

Борба против корупција и одговорност за сите

„Да бидам кристално јасен: борбата против корупцијата не е слоган. Таа е тест за нашата совест и легитимитет. Ќе има еднаквост пред законот и одговорност за злоупотреба, без оглед на функција, партија или препорака. Држава без доверба е куќа без темел. А доверба нема без правда. И ова е нашиот завет. Корупцијата е најскапата даночна стапка во оваа земја. Кога ја рушиш, ги ослободуваш парите за градинки, училници, возила за брза помош, лаборатории, локални патишта, нови болници и услуги. Затоа мора сите заедно да се бориме жестоко“, рече Мицкоски.

На крајот, Мицкоски посочи дека поразот на СДСМ е резултат на „себична политика“ и дека народот ги затвора вратите на оние кои не работат за граѓаните.