ДУИ долго ќе биде во опозиција, посочи Мицкоски на Саем – Отчет
На денешниот настан Саем – Отчет, четири години работа за тебе, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нагласи дека ДУИ долго ќе биде во опозиција, бидејќи на овие избори ќе се откријат живите, непринципиелни коалиции на криминалот, корупцијата и личните интереси.
„Еден човек ми вели го готвите ДУИ да ви биде партнер во владата. Мојот директен одговор е ДУИ уште долго ќе биде во опозиција, затоа што досега не научи ниту една лекција. Не ги ставивме во опозиција за да без ниту една научена лекција се вратат на власт. Тие таму припаѓаат со нивниот коалициски пајташ во криминалот и ударите по Македонија, СДСМ“, рече Мицкоски.
Тој додаде:
„Ќе бидам многу јасен и многу прецизен овие избори нема да бидат вратата на ДУИ во Владата, и интригите и игрите од Зајас и Мала Речица нема да поминат“.
Мицкоски нагласи дека Македонија ќе каже „не“ на СДСМ и ДУИ и нема да се врати во минатото, кога заеднички го грабаа РЕК, купуваа трговски центри среде Скопје, внучињата стануваа милионери, играа фудбалчиња по институциите и се гордееја со владеење над Македонија, а кога се смени власта, избегнуваа одговорност.
„Повеќе од јасно е дека ДУИ и СДСМ имаат таен план, но не за народот, туку против народот. Тоа е сценарио мислено и координирано меѓу овие две партии – сценарио за хаос, за политичка магла и за манипулација. Со инфлација од независни кандидатури и фантомски листи сакаат намерно да го урнат изборниот процес, да го збунат гласачот, да ја изиграат демократијата и да ја заматат чистата слика на нивниот историски пораз што доаѓа“, рече Мицкоски.