Во интервју за „360 Степени“ на МТВ, премиерот Христијан Мицкоски отвори повеќе теми поврзани со финансирањето на правосудниот систем. Тој ги спореди Македонија со европските земји и ги разгледа состојбите во судството. Уште на почетокот тој ги изнесе податоците од извештајот на Советот на Европа. Преку нив ги спореди примањата на судиите, издвојувањата од БДП и економските разлики меѓу земјите.
Премиерот направи паралела меѓу Македонија и Словенија, и во делот на платите на судиите и во делот на економските показатели. Според него, „Платата којашто ја добива почетник судија во Македонија, бруто некаде околу 19.134 евра годишно. Според извештајот на Советот на Европа, во Словенија таа плата е малку поголема од 34.000 евра бруто. Истиот судија почетник.“
Мицкоски посочи и на големата разлика во бруто-домашниот производ по глава на жител: „Притоа, за БДП во Македонија истиот извештај вели дека е некаде над 6.600 евра по глава на жител, додека за словенечкиот вели дека е некаде над 27.000 евра по глава на жител.“ Сумирајќи ги споредбите, тој нагласи дека „платата на судија почетник во Словенија е за отприлика за 85% поголема од платата на судија почетник во Македонија. Ова е во услови кога БДП е за 350% поголем од БДП во Македонија“, додавајќи дека односот меѓу БДП во двете земји е „три спрема еден“. Споредбата со просекот на Европската Унија е „пет спрема еден“.
Во делот за буџетското издвојување за правосудството, Мицкоски повтори дека Македонија одвојува повеќе од европскиот просек. „Ние издвојуваме 0,39% од БДП според анализата на Советот. Според нашата е 0,44%. Европскиот просек е 0,30%. По БДП по глава на жител, издвојуваме три пати помалку од европскиот просек. Ова е во услови кога нашиот БДП е пет пати помал“, рече премиерот. Тој наведе и споредба со Албанија, „а таму процентот е 0,2%, односно двојно помалку отколку во Македонија по глава на жител.“
СЈО не е модел за финансирање – заврши во куфер Луј Витон
Запрашан дали моделот на финансирање на СЈО би бил применлив за судството и обвинителствата, Мицкоски оцени: „СЈО не може да биде добар модел за финансирање. Тој на крај заврши спакуван во куфер Луј Витон.“
Тој истакна дека состојбата во правосудството не произлегува од недостиг на пари, туку од пристапот кон работата. Според него, судиите се соодветно платени и можат да испорачуваат значително подобри резултати. Тој укажува дека платата на претседател на Основен суд е за 25% поголема од премиерската.
Премиерот повтори дека голем број судии и обвинители работат чесно. Само мал дел излегуваат во јавни конфликти со него. Во исто време, го повтори предлогот институциите да дефинираат сопствена листа на потреби за нови кадри – асистенти и истражители. Оваа листа би ја одобриле Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, а Владата би ја прифатила како основа за зголемување на финансиите.
„Прифаќам, самите да си сработат список, да им одобри Судски Совет или Совет на Јавни обвинители, како што бараат за тоа што сакаат да го вработат и што им е неопходно, и тоа ќе го прифатиме како зголемување. Нека направат список колку им требаат истражители, колку асистенти, нека направат систематизација, нека унапредат они како мислат, нека им го одобри Судскиот и обвинителскиот совет, и нека не информираат дека во Буџетот за оваа цел ни се потребни толку пари, и ќе ги одобриме“, рече Мицкоски. Тој додава дека средствата ќе се обезбедат со ребаланс на буџетот.
Тој прецизираше дека „сега имаат предвидени за цела година средства во Буџетот за плати за вработените во судството. Во првите четири-пет месеци ќе се потроши дел од тие пари, а за нововработените ќе биде малку поголем тој дел. Таа разлика со ребалансот ќе им биде вратена за целата година“.
Со тоа, премиерот ја заокружи пораката дека Владата е подготвена да обезбеди дополнителни средства. Ова ќе се случи доколку судските институции прецизно ги утврдат сопствените потреби и фискалните импликации.
