На денешниот народен митинг во Гостивар, во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година, одржан под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Јавен повик до Филипче

Во своето обраќање, Мицкоски упати директен повик до Филипче, барајќи од него јавно да каже што мисли за, како што рече, „неговиот ментор и гуру од Струмица“.

„Од причина што се срами да каже, и затоа што е лицемерен и едно зборува во јавноста, додека истовремено глуми и одработува и кова заеднички планови со него, го повикувам Филипче да каже јавно што мисли за неговиот ментор и гуру, дали бил добар претседател на Владата и дали тој направил добро за Македонија. Нормално не очекувам да даде одговор којшто сите ние добро го знаеме граѓаните. Затоа на овие избори секој човек во животот има момент кога треба да одлучи. Не за политика. Туку за тоа кому му верува, кого го препознава како свој. Кој е тука кога е тешко, кој не се крие кога треба да се одговори, кој го познава твоето маало, твојата мака, твојата борба“, изјави Мицкоски.

Повик до граѓаните да излезат на избори

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика граѓаните на 19 октомври да излезат на избори и да гласаат за број 9, како што рече, „за подобра и достоинствена иднина“.

„Многу е важно да излезете на избори и да гласате. Македонија е исправена и подготвена да оди напред! Нема поголема сила од народот кој верува, од народот кој знае што сака и кој знае дека иднината е во негови раце. Нашата борба не е само за една општина, не е само за еден град. Нашата борба е за секое семејство, за секое дете што сака подобро училиште, за секој млад човек што сака работа и останува тука, дома, во Македонија. Нашата борба е за достоинството на секој еден граѓанин“, заклучи Мицкоски.