Претседателот на Владата и премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски одговараше на пратеничко прашање за капиталните инвестиции договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство. Тој посочи дека постои сериозен интерес на големи финансиски институции за финансирање на капиталниот проект за изградба на пругата од коридорот 10 под поволни услови.
„Дозволете ми да ве информирам како се развива овој проект и што е суштината на тој проект. Накратко кажано да ни биде големата работа поедноставена, е дека Обединетото Кралство гарантира за нас пред странските финансиски институции за финансиските средства кои ќе ги подигнеме како кредит за да ги реализираме овие проекти. Ќе биде пријатно изненадувањето за граѓаните, а се надевам и за опозицијата, бидејќи на крајот на денот не треба тие да ја градат својата политика на принципот колку полошо за Македонија, толку подобро за СДСМ. Кога е добро за граѓаните, ќе е добро и за опозицијата, бидејќи во суштина ова е заедничко множество. Поврзано со првиот проект, а тоа е изградбата на пругата која е дел од коридорот 10, веќе сме во фаза на анализа на пристигнатите финансиски понуди. За мене, од врвните американски компании, француска компанија, германска компанија, јапонска корејска, австриска, британска компанија од финансискиот пазар кога ќе дадат понуда да финансираат проект во Македонија, тоа е убав ден за сите нас и треба да се радуваме бидејќи се врвни компании, а не се периферни“, рече премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека овие финансиски институции, односно банки изразија интерес да бидат дел од овој пакет, со услови кои до сега не биле присутни кај нас. Поради локалните избори овие процеси ќе бидат забавени, но формиран е интерсекторски комитет кој ќе ги анализира пристигнатите понуди и според премиерот, ќе се влезе во билатерални преговори и најдобрата понуда ќе ја добие можноста да го финансира овој проект.
- „Тука не завршува процедурата. Следниот чекор е избор на компанија или компании кои на терен тоа ќе го направат, по принципот на конкурентен дијалог. Ние нема да го криеме тоа од јавноста, се ќе биде транспарентно и немаме воопшто намера ништо да криеме од јавноста“, рече Мицкоски.
„Премиерот посочи дека Министерството за здравство ќе побара од Министерството за финансии да обезбеди пари за финансирање на проектот за завршување на клиничката болница во Штип, новата зграда за медицинскиот факултет во Штип и студентскиот дом од 200 легла, новата зграда за болницата во Кичево со здравствен дом и реконструкција на клиничката болница во Тетово. Очекуваме според најавите дека најголемиот дел од истите овие компании кои се понудија и за пругата ќе финансираат и за овој втор проект“, истакна Мицкоски.
За третиот проект, изградбата на хидроцентралите Чебрен и Галиште се анализира дали да се гради со задолжувањето од овој пакет и истиот да биде 100% во сопственост на државата или да се мобилизира приватен капитал, за што има интерес, и тој инвеститор да формира заедничка компанија со ЕСМ.
„Пројавија компании интерес да формираат заедничка компанија со ЕСМ, ЕСМ да добие „порција“, но без Тиквеш, без тој мираз. Зборувам за Чебрен и Галиште, тие да го изградат сето тоа, а ЕСМ да добие свое сопствеништво во проценти, ќе видиме колку и сето тоа да биде проект кој што ќе мобилизира приватен капитал“, рече Мицкоски и дополни дека активно се работи македонските компании да се вклучат во изградбата на овие капитални инвестиции.
Двата дефинирани проекти треба да мобилизираат помеѓу 2 и 2,5 милијарди евра од рамката од 6 милијарди, но Владата во исто време внимава и анализира да не се покачи нето задолжувањето.
Преземено од Курир