Мицкоски го повика Филипче да се изјасни за Заев

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на синоќешниот митинг во Гостивар во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година, одржан под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, го повика лидерот на СДСМ, Венко Филипче, јавно да каже што мисли за неговиот претходник во партијата, Зоран Заев.

Како што рече Мицкоски, Филипче се срами да го каже своето мислење, иако треба тоа да го направи јасно и јавно.

„Филипче е лицемерен – едно зборува во јавноста, а зад сцената кова заеднички планови со него. Нека каже јавно дали Заев бил добар премиер и дали направил добро за Македонија“, изјави тој пред граѓаните во Гостивар.

Повик за масовно гласање на 19 октомври

Мицкоски ги повика граѓаните на 19 октомври да излезат и да гласаат за број 9. Потенцираше дека „народот е најголемата сила кога верува во себе“.

„Македонија е исправена и подготвена да оди напред. Иднината е во рацете на народот што знае што сака“, нагласи тој.

„Нашата борба е за секое семејство и секое дете“

Во своето обраќање, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека борбата на неговата партија не е само за една општина или еден град, туку за секое семејство, за секој млад човек што сака да остане и живее во Македонија.

„Нашата борба е за достоинството на секој еден граѓанин“, истакна Мицкоски.