Коментар за актуелната афера и состојбите во правосудството

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека презумцијата на невиност мора да се почитува, но дека како човек не може да ја игнорира логиката во случајот со пронајдените пари заѕидани во ѕид, за кој беше запрашан на собраниска седница.

Тој нагласи дека никој не смее да биде прогласен за виновен пред правосилна судска одлука, но посочи дека доколку средствата потекнуваат од легална трансакција, нивното криење во ѕид отвора сериозни прашања. Според него, во таква ситуација логично е сопственикот веднаш да им укаже на истражителите каде се наоѓаат парите и од каде потекнуваат.

„Презумција на невиност мора секој да почитува и никој не е виновен додека тоа не биде правосилно. Но од друга страна, сега зборувам како човек, ако навистина е точно дека тие заѕидани средства се предмет на легална трансакција, продажба на нива и слично, тогаш што би правеле во ѕидот?! Логично е тие да се наоѓаат на друго место, а не во ѕидот. И ако е така, кога ќе ви дојдат дома истражители и ќе ви ја пребаруваат куќата, тогаш логично е да им кажете, видете јас за да се обезбедам од крадци ги заѕидав парите во ѕид, ако тука копате ќе најдете 350 илјади евра. Но кога ќе ги најдете треба да знаете дека тие ми се од таа и таа продадена нива. Логично, а не да чекате после два дена да бидат откриени“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Случајот како последица на длабоки системски проблеми

Премиерот оцени дека уште позагрижувачка е можноста овој случај да не е изолиран, туку еден од многу слични примери во историјата на независна Македонија. Според него, коренот на проблемот лежи во два процеси кои со години го нарушувале функционирањето на правосудството.

Тој како прв проблем го наведе изборот на голем број судии во периодот од средината на деведесеттите години, кога поради бојкотот на изборите немало политички плурализам во Собранието. Како втор проблем го посочи постоењето на Специјалното јавно обвинителство, кое, според него, оставило долгорочни последици.

„Суштината на проблемот лежи во два процеси. Првиот процес е изборот на стотици судии во Собранието во периодот 1994-1998, мислам дека беше 1996, кога се бираа по пат на едноумие, бидејќи за жал тогаш опозицијата реши да го бојкотира вториот изборен круг на изборите во 1994 година, па немаше свои претставници и тука во Собранието имаше едноумие. И денес тие судии му пресудуваат на народот на Македонија и на правдата на државата. Тоа е првиот, според мене, лош пример. И вториот лош пример е оној антиуставен имплант СЈО, кое до ден денес претставува проблем за правдата во Македонија“, посочи Мицкоски и дополни дека случајот со 350 илјади евра заѕидани во ѕид е последица на тие процеси.

Правна несигурност и повик судот да одлучи

Мицкоски истакна дека ваквите појави ја нарушуваат довербата во правосудниот систем и создаваат чувство на правна несигурност кај граѓаните и инвеститорите. Тој нагласи дека не сите во системот се одговорни, но дека мал број случаи оставаат силна негативна перцепција.

„Којзнае колку има заѕидани такви илјадници евра и потрошени и изедени и испиени и не знам што. И затоа е таква перцепцијата на сите оние кои треба да бидат заштитници на правдата. Не се сите такви, мал дел се, но тој мал дел ги контаминира сите“, изјави Мицкоски и додаде дека токму тоа е причината поради која недостига правда.

На крајот, премиерот порача дека судот треба да ја заврши својата работа и виновните да одговараат, но дека случајот мора да се согледа пошироко и низ целиот негов тек.

„Да оставиме судот да пресуди и тој што е виновен да одговара. Но да ве потсетам, овој случај имаше и прво полувреме, ова со заѕиданите пари е второ полувреме. Мораме да ги гледаме холистички работите“, заклучи Христијан Мицкоски, истакнувајќи дека за Владата нема друга опција освен борба за правда.