Околу 80 проценти од производството на „Винчини“ завршува на странските пазари
Премиерот Христијан Мицкоски ја посочи компанијата „Макпрогрес“, сопственик на брендот „Винчини“, како пример за успешен домашен бизнис кој од семејна компанија прераснал во регионално препознатлив производител со значително присуство на странските пазари.
Според него, компанијата денес остварува годишен промет од над 40 милиони евра, а најголемиот дел од производството е наменет за извоз.
„Макпрогрес“, како што истакна Мицкоски, преку брендот „Винчини“, но и преку производство за приватни трговски марки, пласира значителен дел од своите производи надвор од државата.
Премиерот упати честитки до сопственикот, менаџментот и вработените во компанијата, нагласувајќи дека нивниот придонес има важно место во развојот на домашната економија и индустрија.
Владата најавува поддршка за извозно ориентираните компании
Мицкоски порача дека Владата ќе продолжи да ги поддржува компаниите кои инвестираат, извезуваат и создаваат додадена вредност.
„Ние како Влада ќе сториме сè да помогнеме и да бидеме додадена вредност во реализирањето на амбициите и целите на компанијата во следните пет години“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека очекува во иднина во Македонија да се реализираат уште повеќе вакви инвестиции, кои ќе придонесат за економски раст, нови работни места и зголемен извоз.
