Премиерот повика на заедничко лобирање за европскиот извештај со јасна одредница за македонскиот идентитет и јазик
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, на седницата за пратенички прашања во Собранието, ја повика опозицијата да се приклучи во заедничко лобирање кај европратениците за поддршка на извештајот за Македонија кој ќе се најде пред Европскиот парламент во среда.
Нашиот медиум вчера објави повеќе на оваа тема.
ИСТОРИСКИ ПРЕСВРТ ВО БРИСЕЛ: ЕП подготвен да го признае македонскиот јазик и идентитет
Тој истакна дека овој извештај содржи јасна формулација за многувековниот македонски идентитет и македонскиот јазик како дел од националната самобитност, а не само како територијална одредница.
- „Во овој извештај стои дека имаме посебен македонски идентитет, различен од нивниот, не после 1945 туку векови претходно. И ако тоа не е проблем, еве европратениците имаат прилика да го поддржат“, рече Мицкоски.
Бара еднаквост со Бугарија и условува со застој
Во однос на уставните измени за внесување на Бугарите во Преамбулата, Мицкоски повтори дека тоа било прифатено од претходната влада како дел од Францускиот предлог. Сегашната влада има задача да најде стратегија како да се справи со тоа без дополнителни барања од источниот сосед.
- „Ако гледате државнички и пошироко, ќе се запрашате – што добива државата? Особено кога министерот за надворешни работи на нашиот источен сосед кажа дека ова е само почеток на барањата“, додаде премиерот.
Тој беше дециден дека неприфатливо е Бугарите да бидат во македонската Преамбула, а Македонците да не бидат признати во бугарскиот Комитет за малцинства.
- „Додека не видам таму Македонец кој е дел од тој бугарскиот Комитет за малцинства, нема ни милиметар да мрднам додека сум премиер на оваа влада“, истакна Мицкоски.
Јули – историска можност во Европскиот парламент
Според Мицкоски, извештајот кој ќе се гласа во Европарламентот во јули претставува историска шанса за меѓународно признавање на македонскиот идентитет и јазик. Тој затоа апелираше до пратениците од опозицијата да ги активираат своите канали преку европските политички семејства. Неговата цел е и власта и опозицијата да лобираат за негово усвојување.
- „Ова е прв пат Европскиот парламент да гласа за документ што го признава посебниот македонски идентитет. Тоа е голема шанса за државата“, потенцираше премиерот.
Извор: Вечер