Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли обвинувањата за селективност во истрагата за пожарот во Кочани, нагласувајќи дека таа ја води Обвинителството, а не Владата. Тој потврди дека ќе организира средба со родителите на загинатите и повредените, додека членовите на неговиот Кабинет се во постојана комуникација со семејствата.
Мицкоски за истрагата за Кочани
„Јас не би се вплеткал во политички реторика ниту коментар на овие политички лешинари кои се обидуваат да заштитат криминогено однесување на некои претходни официјални лица во одредени министерства. Обвинителството е тоа, потоа судовите кога ќе има обвинение. Тие се оние кои треба да го кажат последниот збор. Јас нема да се мешам во истрагата, ниту пак сум се јавил кај некој на телефон ниту сум комуницирал со некој од обвинителството затоа што да не излезе дека премиерот врши притисоци во истрагата“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на Влада.
Тој истакна дека е редовно информиран за истрагата од министерот Панче Тошковски, но не се меша во нејзиниот тек. Мицкоски ги обвини одредени политички структури дека „лешинарски“ собираат политички поени од трагедијата.
Поддршка за семејствата и средба со родителите на загинатите и повредените од Кочани
„Еве конкретно ќе ви кажам дечињата кои се враќаа пред два три дена од Анкара што имаа непријатна ситуација на аеродромот во Истанбул лично разговарав со еден од родителите со тие од најблиското опкружување и лично со претседателот Ердоган и се среди цела работа. Дечињата дојдоа тука, организиравме транспорт од аеродромот во болницата 8-ми Септември беа прифатени. Јас се што можам ќе сторам и ќе разговарам лично со родителите и на повредените и на тие што трагично ги загубија своите најмили“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека секојдневно се решаваат проблеми поврзани со случувањата во Кочани, а неговата средба со родителите ќе овозможи директна поддршка и слушање на нивните предизвици.
Напредок на истрагата
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски најави дека истрагата за пожарот во Кочани, во кој загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени, ќе заврши најдоцна до 17 јуни. Таа се води за тешки дела против општата сигурност, со околу 70 осомничени. Опозицијата обвинува за селективност, тврдејќи дека се штитат функционери во МВР и институциите.
По најавите на Али Ахмети дека ДУИ ќе излезе на улица ако екс-министерот Крешник Бектеши биде обвинет за пожарот, поддржувајќи ги протестите на семејствата, Мицкоски не коментираше директно, но нагласи дека не поддржува политички притисоци врз истрагата.