Мицкоски против повисоки примања за судиите и обвинителите
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека не може да се согласи на зголемување на платите во правосудството, посочувајќи дека тоа не е вистинска реформа и дека не може да се прифати таква промена во услови на огромни долгови.
„Реформите во судството се за зголемување на платите. Промената на шесте закони, главната реформа е да се зголемат платите. Следната година ние треба да вратиме 2 милијарди евра, некој што го направил претходно, и што не задолжил сите нас и нашите неродени деца. Во буџет од 6,5 милијарди, ние треба да враќаме 2 милијарди долгови, од некој кој душмански ја задолжувал државата. Ја повикувам јавноста нека каже, дали треба да се зголемат платите на судиите и обвинителите? Еве, јас ќе ја донирам мојата плата, ама барем нека судат согласно закон. Моралот не ми дозволува да се согласам на зголемување плати на лица кои немаат никаков рејтинг. И, ако е тоа клучната реформа која треба да се направи, простете, но јас нема да ја направам,“ рече Мицкоски.
На новинарско прашање за евентуалната смена на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, премиерот кусо изјави:
„Почекајте, ќе видите.“
Реформите се само за повисоки плати, не за суштински промени
Мицкоски истакна дека не е можно да се издвојат повеќе пари за независно финансирање на судството и Обвинителството од она што е достапно во најразвиените земји на Европската унија.
„И не можеме ние да одвоиме повеќе пари од буџетот за независно финансирање на Обвинителството и судовите, од да речеме најразвиените земји во ЕУ. Тоа не можеме да го направиме. Така што, ова се реформите. Сакам јавноста да знае реформите се за повисоки плати, не се реформите за некој суштински измени не знам какви. Такви има во Кривичниот законик, и тоа го правиме под притисок на одлуката на Уставниот суд. И тоа ќе го направиме до Нова година ќе влезат во Парламент тие измени, за да не се случи да направиме една општа колективна амнестија во општеството и сите криминалци коишто се во затвор да излезат,“ изјави Мицкоски.
Премиерот нагласи дека секој треба да сноси одговорност за своите одлуки, поврзувајќи ја изјавата со измените на Кривичниот законик направени од претходната власт.
„И сега, еве кога ќе го смениме ние, без разлика дали ќе покренеме дело против некој од претходната влада, којшто наочиглед направил криминал, тој ќе се повикува на тој (закон) којшто тие го донесоа на шверцерски начин во Парламентот со европско знаме. Тогаш сите молчеа, сите што денеска се гласни молчеа, а денеска ни велат Извештајот на ЕК вели така и така. Каде бевте тогаш? Срамежливо стоеше таму во Извештајот една реченица. Зашто, затоа што мислеа дека на тој начин ќе направат притисок врз ВМРО-ДПМНЕ преку некои поранешни структури да се промени Уставот. Не им успеа. Повторно е ВМРО-ДПМНЕ виновен. Мораме да ги кажуваме работите како што се, не онака како што некој сака да ни ги претстави. А ние ќе направиме се што е во наша моќ да ја завршиме домашната задача. Ајде ќе видиме тогаш што ќе се случи,“ порача премиерот.
Оваа Влада нема да дозволи ново уставно менување
Мицкоски повтори дека, и покрај промената на името, земјата не напредувала во процесот на евроинтеграции.
„Супер е, да го смениме Уставот, најдобри ќе бидеме. Уште ако може да не сме Македонци, да сме нешто друго, најдобри ќе бидеме. Онака како што некој ни прави булинг и сака да ја стопира Македонија да напредува во ЕУ. Тоа нема да го дозволиме. Оваа Влада нема тоа да го дозволи, додека сум јас таму, кога ќе дојде друг нивна работа,“ истакна премиерот, одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелник за нова спортска сала и втората фаза од доградбата на ООУ „Блаже Конески“ во Општина Аеродром.
