Премиерот нема да патува во Хаг, но ја поддржува секоја иницијатива за дијалог
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски денеска изјави дека нема да присуствува на претстојниот Самит на НАТО во Хаг, каде што земјата ќе ја претставува претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Тој објасни дека ваквата ротација е вообичаена дипломатска практика, бидејќи на претходниот самит во Вашингтон, токму тој ја предводеше македонската делегација.
Во контекст на најавите од бугарска страна дека наместо претседателот Румен Радев, на Самитот ќе присуствува премиерот Росен Жељазков, Мицкоски истакна дека секоја иницијатива за средба на високо ниво треба да се прифати, дури и ако тој лично не е дел од неа.
„Ако има каква било иницијатива за средба на ниво претседател-премиер тоа треба да се прифати, без разлика што јас нема да бидам таму“, рече премиерот.
Средбата предложена од Антонио Кошта, поддржана од македонска страна
Мицкоски откри дека иницијативата за билатерална средба пристигнала од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и дека Македонија веднаш ја прифатила. Идејата е разговорот да се одржи на маргините на Самитот, со медијација од Европската Унија, во присуство на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претставници од САД, како и други високи европски функционери.
„На тој состанок имаше идеја да присуствува и генералниот секретар на НАТО, претставници од американската администрација и да ги вкрстиме аргументите“, изјави Мицкоски.
Сепак, тој изрази резерва кон постапките на бугарската страна, истакнувајќи дека испраќањето на премиерот Жељазков наместо Радев е „егзибиција“ и одраз на начинот на функционирање на бугарската политичка сцена.
„Суштината на проблемот е обид за бришење на македонскиот идентитет“
Премиерот повторно ја нагласи својата позиција за историските корени на спорот со Бугарија. Според него, суштината на проблемот е обид да се ревидира историјата и да се негира постоењето на македонската нација.
„Суштината на проблемот е обидот на еден инженеринг, да се создаде нова македонска нација, која е резултат на одлука на Коминтерната по ’45-та година, и дека таа нова македонска нација користи нов македонски јазик, кој станува службен во ОН како дел од југословенската федерација“, рече тој.
Мицкоски го обвини и поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи дека бил свесен за оваа позиција, но сепак го прифатил францускиот предлог, што според него е недозволиво.
„Секој што не гледа дека ова е суштината на проблемот е или политички аналфабет или не треба да се занимава со политика“, додаде Мицкоски.
Во фокусот – проактивност и меѓународна дипломатија
Најавената средба во Хаг би можела да вклучи и личности како претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, како и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас. Мицкоски нагласи дека тоа е одлична можност за директен разговор, но и шанса Македонија да покаже дека има волја за дијалог, но и јасен став за националниот идентитет и историската вистина.