Довербата во институциите клуч за стабилност и развој

На отворањето на XVIII Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Спортскиот комплекс „Јасмин“ во Кавадарци, под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, претседателот Христијан Мицкоски истакна дека стабилноста и развојот на Македонија се можни само преку доверба во институциите.

„Стабилноста и развојот се невозможни без доверба во државата, а довербата се гради само преку независни институции, владеење на правото и системи што создаваат правичност, а не зависност. Без доверба во институциите – нема држава. Правната држава не е збир од закони, туку нивна доследна примена. Македонија мора да ја премине границата од формална кон функционална демократија“, нагласи Мицкоски.

Дигитализација, зелена економија и енергетска транзиција

Мицкоски додаде дека интеграцијата на дигитални процеси, автоматизацијата и енергетската транзиција се стратешки приоритети.

„Зелената економија не е идеолошки проект, туку државна потреба. Македонија мора да инвестира во обновливи извори на енергија, модернизација на преносниот систем и регионални енергетски проекти за да ја намали зависноста и да создаде нова економска динамика“, рече Мицкоски.

Вештачката интелигенција како нова економска сила

Во својот говор, Мицкоски потенцираше дека вештачката интелигенција претставува „новото гравитациско поле на глобалната моќ“ и дека Македонија треба да престане да биде пасивен корисник на туѓи технологии.

„Земјите што инвестираат во AI обезбедуваат економска, безбедносна, институционална и технолошка предност. Земјите што ја игнорираат остануваат зависни од туѓи системи, туѓи технологии и туѓи интереси. Македонија мора да стане активен учесник во новата интелигентна економија“, заклучи Мицкоски.

„Државност 2030“ – нова политичка парадигма

Мицкоски ја претстави и новата политичка парадигма „Државност 2030“, која се базира на институционална стабилност, продуктивност како национален приоритет и синтеза на идентитет и европска ориентација.

Тој нагласи дека современото државно водство се темели на принципите на достоинство, правда, знаење, силна но умерена држава, праведна пазарна економија и доверба во општеството.

„Овој идеолошки кодекс и нова парадигма го поставуваат патот кон Македонија која е суверена во идентитетот, европска во ориентацијата и стабилна во институциите, успешна во економијата“, додаде Мицкоски.