Премиерот Мицкоски отвори нова детска градинка во општина Сопиште

 

Нова детска градинка денеска беше пуштена во употреба во Општина Сопиште. Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на настанот, истакна дека оваа година очекува уште неколку градинки да се отворат во Скопје.

-Ние како Влада сите овие проекти ќе ги подржуваме и во иднина, сето она што претставува интерес на граѓаните, а посебно на најмилите на најмладите на дечињата ќе биде наш и е наш врвен приоритет во таа насока е изградбата на ваков тип на објект, истакна Мицкоски.

На настанот присуствуваа и градоначалникот на Општината, Јане Мицевски и заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски.

 

Детска градинка „Сонце“, ќе овозможи згрижување и воспитание на 84 дечиња од предучилишна возраст

 

Детската градинка „Сонце“, ќе овозможи згрижување и воспитание на 84 дечиња од предучилишна возраст и се наоѓа на локација која ќе одговара и на жителите од Долно Соње, Горно Соње, Добри Дол и Ракотинци. Во неа се предвидуваат јасли за згрижување на дечиња од 0 до 2 годишна возраст, како и две хетерогени групи за дечиња од 2 до 4 годишна возраст и група за дечиња од 4 до 6 годишна возраст.

Објектот е со вкупна нето квадратура од 362 м2 поделена во три занимални, дел за манифестации, административен дел, како и помошно технички дел.

Средствата за изградба на оваа детска градинка се обезбедни од Владата преку Министерството за социјална политика, демографија и млади во висина од 21.000.000 денари.