Програмата на ВМРО-ДПМНЕ е прецизна со јасни рокови и мерки за подобрување на локалните заедници

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати на митингот во Берово, во рамки на изборната кампања под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“. Мицкоски истакна дека програмата на ВМРО-ДПМНЕ е прецизна со јасни рокови и мерки насочени кон потребите на граѓаните и дека, за разлика од опозицијата, СДСМ нема конкретни проекти, туку се потпира на политичкиот гуру Зоран Заев.

„Ние на овие избори излеговме со прецизна програма, со рокови, за прецизни работи неопходни за граѓаните, а од нив не слушнавме буквално ниту еден проект. Но слушнавме затоа за нови подароци кон нашиот источен сосед, за непринципиелни коалиции, слушнавме дека судиите и обвинителите биле професионалци, но не само што слушавме туку и гледаме како кампањата им се потпира исклучиво на политичкиот гуру на нивниот претседател Венко Филипче, а тоа е Зоран Заев“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека СДСМ се бори само за лични интереси и профитирање:

„Нивниот дом за кој се борат се бизнисите, тендерите, зделките во четири очи, фабриките за марихуана, желбата да се профитира на нечесен и криминален начин. И знаат дека со секој глас повеќе, со секоја поддршка повеќе за нас, тие се готови, а така го гледаат во очи нивниот политички крај“, истакна Мицкоски.

Мицкоски ги повика граѓаните да излезат и да гласаат за својот кандидат за градоначалник Петар Ружински:

„Затоа ве замолувам излезете на изборите на 19 октомври за неколку дена од денес, остварете го своето право, затоа направете го вистинскиот избор, а вистинскиот избор, убеден сум длабоко во себе овде во Берово е Петар Ружински. Петар е искрен и домаќин човек кој му треба на Берово – да се направат промени и големи проекти кои ќе ги решат дел од проблемите на овој преубав град на истокот“, заклучи Мицкоски.