Евроинтеграцијата на Македонија, унапредувањето на стратешкото партнерство со сојузниците од НАТО и зајакнувањето на регионалната безбедност беа во фокусот на средбите на премиерот Христијан Мицкоски во рамки на неговата посета на Минхенската безбедносна конференција.
Според информациите од Владината прес-служба, Мицкоски се сретна со претседавачот на Минхенската конференција за безбедност, Кристоф Хојзген, при што истакна дека стабилноста на Западен Балкан е од клучно значење за европската безбедност. Тој потенцираше дека Македонија ќе продолжи со продлабочување на билатералните и мултилатералните односи во оваа област.
Партнерството со НАТО и евроинтеграцијата – приоритет за Владата
Премиерот ја нагласи посветеноста на Владата за унапредување на стратешкото партнерство со НАТО, како и важноста од забрзување на евроинтегративниот процес. Двете страни се согласија дека заедничката соработка е клучна за справување со глобалните безбедносни предизвици, како и дека иднината на регионот зависи од одржлив развој, економски просперитет и сигурност за сите граѓани.
Во рамки на неговите активности, Мицкоски се сретна и со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кому му се заблагодари за континуираната поддршка на Хрватска за македонските евроинтеграции. Тој ја истакна заложбата на Владата за реформски процеси кои ќе овозможат побрзо пристапување во ЕУ.
Од своја страна, Пленковиќ ја потврди силната поддршка на Хрватска за евроинтеграциите на Македонија, потенцирајќи дека развојот и стабилноста на регионот се од заеднички интерес.
Безбедносна соработка со САД и модернизација на Армијата
Во Минхен се одржа и средба помеѓу министерот за одбрана Влатко Мисајловски и заменикот помошник секретар за одбрана на САД, Дејвид Бејкер. Двајцата официјални претставници разговараа за регионалната и глобалната безбедност, како и за модернизацијата и опремувањето на македонската Армија.
Се очекува и средба помеѓу македонскиот и бугарскиот министер за надворешни работи, каде што главна тема ќе бидат билатералните односи и европската перспектива на регионот.
Мицкоски на панел-дискусија за геополитика и енергетска сигурност
Во текот на денешниот ден, премиерот Христијан Мицкоски ќе учествува на панел-дискусија во рамки на Минхенската безбедносна конференција, каде што ќе зборува за геополитичките предизвици, енергетската сигурност и глобалните промени.
Во рамки на вчерашните средби, Мицкоски разговараше и со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта. Премиерот нагласи дека Македонија направи значајни напори и отстапки на патот кон ЕУ, порачувајќи дека земјата заслужува понатамошен напредок без да биде заложник на билатерални спорови и политички блокади.
Останува да се види какви конкретни резултати ќе произлезат од овие средби, но Владата на Македонија нагласува дека останува посветена на европската агенда, стабилноста и соработката со меѓународните партнери.
Извор: Алфа