Илинден е повеќе од празник и датум во календарот, туку претставува завет, карактер и симбол на истрајноста на македонскиот народ, порача премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, по повод одбележувањето на 2 Август – Илинден, Денот на Републиката.

„Илинден не е само датум, туку завет, карактер и најсилен доказ дека постојат народи кои можат да бидат окупирани, напаѓани, предавани и потценувани, но никогаш покорени“, истакна Мицкоски.

Тој порача дека слободата не се создава само со граници, туку со свеста и волјата на еден народ, додавајќи дека со одбележувањето на Илинден се искажува почит кон идеалите, жртвите и луѓето кои живееле за татковината и идните генерации.

„Слободата не започнува на границите на една држава, туку во срцето на еден народ“, рече премиерот.

Мицкоски нагласи дека двата Илиндена – Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ од 1944 година – претставуваат дел од една иста историска целина.

„Крушево и АСНОМ не се две различни приказни, туку две страници од истата книга, напишана со вера, храброст и непоколеблива одлучност Македонија да биде своја, достоинствена и слободна“, изјави тој.

Премиерот посочи дека во Крушево се родила идејата дека слободата е повредна од животот, додека на АСНОМ таа идеја добила државотворна форма. Според него, Крушевската Република и АСНОМ се неразделни делови од историскиот континуитет на македонската државност.

Во своето обраќање Мицкоски им оддаде почит на Никола Карев и Методија Андонов-Ченто, посочувајќи дека тие ги предводеле двата клучни процеса поврзани со создавањето на македонската држава.

Осврнувајќи се на Првото заседание на АСНОМ, тој нагласи дека делегатите свесно го поврзале 2 Август 1944 година со Илинденското востание од 1903 година, оценувајќи го историскиот континуитет како темел на македонскиот национален идентитет и државност.

Мицкоски се осврна и на Декларацијата за основните права на граѓаните во Македонија, за која рече дека гарантирала низа права, меѓу кои слободата на говорот, правото на национална припадност, слободата на движење, правото на глас, вклучително и правото на глас на жените, вероисповедта и приватната сопственост.

Тој додаде дека автор на документот бил Владимир Полежиновски, доктор по правни науки и еден од најобразованите делегати на АСНОМ.

Во говорот премиерот истакна дека антифашизмот останува трајна определба на Македонија, посочувајќи дека тогашното македонско воено-политичко раководство успеало да избегне идеолошка граѓанска војна каква што се случила во дел од поранешните југословенски простори за време на Втората светска војна.

Во завршницата од обраќањето, Мицкоски порача дека македонскиот народ сам ја извојувал својата слобода и државност.

„Македонското народноослободително движење, македонските партизани и македонската војска, со сопствени сили ја ослободија Македонија од окупаторите и го потврдија автохтониот и самостоен карактер на македонската државност. Слободата на Македонија не ја донесе никој однадвор – македонскиот народ и сите националности во земјата сами се изборија за својата држава и ги остварија вековните идеали на ајдутите, комитите, војводите, партизаните и на сите знајни и незнајни борци“, порача Мицкоски.