Од брегот на Охридското Езеро, премиерот Христијан Мицкоски денеска свечено го пушти во употреба реконструираниот регионален пат кој води од Охрид до манастирскиот комплекс Св. Наум. Овој патен правец, кој со години беше занемарен, конечно доби нов лик со цел да се подобрат поврзаноста, пристапноста и безбедноста на целиот јужен регион.

Реконструкцијата на патот Охрид – Св. Наум се реализираше со инвестиција од 11,7 милиони евра. Вкупно беа реконструирани 24,3 километри. Во рамки на проектот е извршена целосна санација на коловозната подлога, поставена е нова сигнализација и инсталирани се безбедносни огради. Таму каде што тоа го дозволуваше теренот, извршено е проширување на коловозот. Дополнително, на критичните делови беа спроведени заштитни интервенции на ризичните косини, со цел долгорочна стабилност на трасата.

„Овој пат не е само обичен инфраструктурен зафат. Тој претставува доказ за нашата определба да градиме внимателно, со план и визија, без многу врева, но со јасни резултати на терен“, изјави премиерот Мицкоски при пуштањето на трасата.

Реконструкцијата како дел од поширока стратегија за транспорт и туризам

Во регионот на Западна Македонија паралелно се реализираат и други клучни проекти. Тоа ги вклучува делниците Кичево – Охрид, Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, како и подготвителните активности за изградбата на Букојчани – Кичево. Сите овие инфраструктурни инвестиции се дел од планот за создавање модерен транспортен прстен што ќе го олесни патувањето, а истовремено ќе придонесе за локален развој.

Премиерот Мицкоски истакна дека инфраструктурата не треба да се третира како трошок, туку како суштинска инвестиција која создава вредност и нови можности за локалната економија.

„Имаме пораст во туристичкиот сектор, особено кај странските посетители. Само во април оваа година, бројот на туристи е зголемен за повеќе од 20% во споредба со истиот месец минатата година. Ист тренд се забележува и во бројот на преноќувања“, рече Мицкоски.

Реконструкцијата на патот Охрид – Св. Наум овозможува побрз и побезбеден пристап до сите туристички и духовни точки долж јужното крајбрежје. Меѓу нив особено се истакнува манастирот Св. Наум, еден од најважните културни и духовни симболи во регионот. Новиот пат воедно ја подобрува и сообраќајната поврзаност со соседна Албанија, што е од посебна важност за трансграничната соработка и развојот на туризмот.

„Охрид, како град заштитен од УНЕСКО, постепено но сигурно станува достапна европска туристичка дестинација. Преку отворање нови авио-линиии и модернизација на патната инфраструктура, го приближуваме регионот до светот“, нагласи премиерот.

Мицкоски ја заклучи својата изјава со порака за континуирана работа, без отстапување од принципите на отчетност и одговорност.

„Охрид заслужува подобро, Македонија заслужува повеќе. Ние сме тука да го изградиме тоа што со години беше занемарено. Секоја улица, секој пат и секој проект мора да значат реален придонес за граѓаните и за иднината на оваа земја“, рече премиерот.