Намалување на сообраќајни прекршоци и ефектите од проектот „Безбеден град“

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во интервју за Дневникот на МРТ истакна дека проектот „Безбеден град“ покажува позитивни резултати. Граѓаните почитуваат сообраќајни правила, а бројот на прекршоци е значително намален. Во однос на протестите за нерегистрирани возила и возење без возачка, премиерот потенцира дека законот мора да се почитува и нема компромис.

Премиерот Мицкоски нагласи дека бројката на прекршоци во Скопје е помала отколку што би била при организирани акции на МВР, и се заблагодари на граѓаните за почитувањето на правилата:

„Ако таа бројка сега движи под 500, а во минатото статистиката вели дека кога МВР би имало организирана акција во сообраќајот тогаш се констатираат околу 1.000-1.200 прекршоци, тоа значи дека сега, навистина возачите го почитуваат сообраќајот и ги почитуваат правилата. Во вообичаен ден кога нема организирана акција, сообраќајните припадници на МВР санкционираат помеѓу 300 и 500 прекршоци на територијата на Скопје. Што значи дека сега со овој паметен систем сме во рамките на тоа за кое зборувам и претставува редовна работна рутина на МВР, а разликата е што имаме многу помал број на сообраќајни незгоди, преполовен е тој број, нема жртви од почетокот на официјалната примена од почетокот на февруари. Мислам дека од сето ова најголем бенефит имаат самите граѓани и возачи и истото се случува во Тетово и Куманово, не се забележани повеќе од 20-30 сообраќајни прекршоци дневно и 50-80 на коридорите 8 и 10. Генерално се движиме меѓу 500 и 600 прекршоци на територијата на која функционира системот“, рече Мицкоски.

Протести и почитување на законот

Во врска со протестите и возење без возачка, премиерот Мицкоски потврди дека МВР презема конкретни акции и дека нема да се толерира дивеење или непочитување на законите:

„Реков дивеење и начинот на кој одредена група протестираше можеше да се сфати како закана по животите и слободата на други лица без разлика дали се цивили или припадници на МВР, а од друга страна имаме уништување на државен имот. Секаде каде што тоа е констатирано, ќе биде поднесена пријава против сторителите на сето тоа. Ако некој мисли дека тоа ќе остане така неказнето, тогаш мислам дека се лаже. Така што секое изразување на револт на демократски и мирен начин е во ред, секој има право, оваа група вели ние сакаме да управуваме патнички возила или друг тип на возила без да поседуваме легална возачка дозвола. Ние велиме дека тоа не може“, потенцираше Мицкоски.

Тој посочи дека мирното изразување на револт мора да се обезбеди, но прекршувањето на законот ќе биде строго санкционирано:

„Побарав од МВР жестоко да реагира против сторителите кои тоа го прават, го загрозуваат правото на слобода, животот на без разлика дали се цивили или припадници на МВР и уништуваат државен имот или нанесуваат друг тип на штета, тие мора да бидат одговорни за сето тоа, ние сепак сме правна држава, дел од НАТО, држава која претендира да биде дел од ЕУ и ова година кога се воведува ред, во сообраќај и други сфери во општеството и мора да имаме ред ако сакаме да бидеме држава. Додека сум јас претседател на Влада мора да се почитуваат законите. Законот вели дека за да управуваш патничко возило мора да имаш важечка сообраќајна дозвола, ако немаш нема да управуваш, ако немаш нема да управуваш, а ако управуваш без важечки документ ќе бидеш одговорен пред закон. Тука нема компромис“, заклучи премиерот Мицкоски.