Премиерот Христијан Мицкоски ја поддржува примената на проектот „Безбеден град“. Тој се залага за негово проширување на целата територија на земјата. Истакнува дека безбедноста на граѓаните е приоритет.

„Некои велат ‘тоа ќе донесе критика за Владата, ќе донесе силен политички удар’, јас велам ‘подготвени сме да го издржиме политичкиот удар, само да спасиме некој човечки живот’. Затоа што само изминативе недела-две, во строгиот центар на главниот град имавме три жртви, што повредени, што луѓе кои го изгубија животот поради неприлагодена брзина и непочитување на сообраќајните правила’“, рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека во разговор со министерот за внатрешни работи го потврдил ставот на Владата дека се подготвени да ги трпат сите критики поради спроведувањето на мерките.

„Слушам некои поранешни пратеници на СДСМ и ДУИ кои го критикуваат ова, возеле 52, 53, 55, па добиваме опомени. И со 50,5 ќе добијат опомени бидејќи си има правила што значи прилагодена, а што неприлагодена брзина“, додаде Мицкоски, нагласувајќи дека целта е доследно почитување на сообраќајните правила и спречување на несреќи.