Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека колективниот договор потпишан од Министерството за социјална политика, демографија и млади, значи зголемување на платите за вработените во јавните установи за социјална заштита за околу 20 проценти и подобрување на условите за работа.
– Станува збор за потпишување на колективен договор во историска смисла на зборот за вработените во социјалните установи и центрите за социјални работи ширум државата. Со тоа ќе имаме значително зголемување на платата започнувајќи од платата за месец август во периодот кој следи. Министерството за социјална политика, демографија и млади прави, би рекол, историски чекор во таа насока, рече Мицкоски по посетата на Рударско-енергетскиот комбинат „Битола“ (РЕК „Битола“).
Премиерот нагласи дека освен зголемувањето, колективниот договор значи и подобри услови за работа за вработените во овие установи.
– Не е само зголемувањето на платите што треба да биде дваесеттина проценти, туку станува збор и за услови кои ќе го подобрат амбиентот на работа на вработените во тие установи и ќе значат дополнителна енергија во рамките на социјалната политика во Македонија како држава, рече Мицкоски.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија (УПОЗ), претставуван од претседателот Трпе Деаноски, како и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), претставуван од претседателот Јаким Неделков, од другата страна на 7 август го потпишаа Колективниот договор за вработените во јавните установи за социјална заштита.
Преземено од Курир