Неприсуството на СДСМ на лидерската средба отвора простор други политички субјекти да го преземат опозицискиот терен, оцени премиерот Христијан Мицкоски.

– На политичката сцена и во политичката теорија и пракса празен простор не останува. Ако се повлечете и оставите празен простор некој ќе го запоседне тој простор – изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали со неучеството на средбата СДСМ остава простор Левица да се наметне како главна опозициска партија.

Тој посочи дека не е клучно која политичка партија ќе го пополни просторот, туку фактот дека празнина не постои.

– Дали тоа ќе биде таа политичка партија за којашто вие говорите, дали некоја друга, дали некоја можеби нова, трета, не знам. Но, во суштина, кога вие го напуштате политичкиот простор, тогаш некој друг ќе го запоседне тој простор. Едноставно така функционираат работите во животот – рече Мицкоски.

Премиерот нагласи дека Владата има обврска да се однесува одговорно, бидејќи ја добила довербата од граѓаните.

– Ние сме Влада, сме ја добиле довербата од граѓаните и треба да се однесуваме зрело – додаде тој.

Во однос на одлуката на одредени партии да не присуствуваат на лидерската средба, Мицкоски оцени дека тоа е нивен избор.

– Доколку некои политички партии одлучиле да се однесуваат незрело, тоа е нивен проблем. Доколку мене би ме прашале за совет, мојот совет би бил да се појават на таква лидерска средба и да поразговараме за темите кои што се важни за разговор и за граѓаните – нагласи Мицкоски.

Тој додаде дека по завршувањето на средбата сите присутни дале изјави во кои ја потенцирале конструктивноста и квалитетот на дискусијата.

– По средбата, сите присутни дадоа изјава во којашто јасно ја потенцираа конструктивноста и дека на таа лидерска средба изоболувало со квалитет, предлози и мислења – рече Мицкоски.

Како организатор и претседател на Владата, тој истакна дека ваквиот исход му претставува задоволство, додавајќи дека одлуката на СДСМ да не учествува е нивна внатрешна работа.

– Мене како организатор и претседател на Владата тоа ми претставува задоволство. Тоа што СДСМ одлучи да се самоисклучи, тоа е одлука пратпоставувам на актуелното раководство на СДСМ. Повторно ќе кажам, кога мене би ме прашале за совет, јас не би им го советувал тоа, но тоа е нивна одлука – изјави Мицкоски.

Изјавите беа дадени по неговата посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во општина Аеродром.