Ред и дисциплина во исплатата – социјалната помош се злоупотребувала

Премиерот Христијан Мицкоски, во гостување на вестите во Сител Телевизија, се осврна на наводните доцнења во исплатата и истакна дека социјалната помош се злоупотребувала, нагласувајќи дека Владата нема да дозволи такви злоупотреби. Тој додаде дека имало случаи каде што одредени лица примале и до 60-65 илјади денари месечно по различни основи.

„Состојбата е стабилна, но мора да се научиме на ред и дисциплина. Не може стихијно да се трошат парите и не може преку лажни фактури да се цица и да се молзе буџетот. Кога сме кај социјалната помош, има многу случаи каде што социјална помош, а веќе ги анализираме, се зема по неколку основи. Имаме социјални коишто примаат ГМП, гарантирана минимална помош, но и други помоши до 60-65 илјади денари месечно, по неколку основи што ги добиваат. Тоа е крадење, тоа е незаконски. Да, ќе го прочистиме и ќе го филтрираме списокот на корисници на гарантирана минимална помош затоа што се грижиме за државата и се грижиме за иднината на државата“, истакна Мицкоски.

Консолидирана економија и одговорност кон идните генерации

Премиерот нагласи дека, и покрај лошата состојба во која ја презеле државата, успеале да направат консолидација и да се бележат врвни економски резултати според БДП.

„Ние можеме сето ова под тепих да го ставиме, колку собираме, толку да делиме да ја задолжуваме државата, но дали е тоа одговорно за генерациите по нас? Не, ние треба да ја консолидираме, ја консолидиравме. Да не ве потсетувам од каде почнавме, немавме држава, немавме систем, уништено беше сè. За година ипол се консолидира, бележиме резултати економски коишто се врвни во Европа, за нашиот БДП, да се разбереме, да не бидам погрешно сфатен. Е сега кога сето ова ќе го имаме предвид логични се овие предизвици, не е нешто нелогично, но мора да има ред и дисциплина“, истакна Мицкоски.

Тој додаде и дека ако дисциплинираниот пристап на Владата значи политичка цена, тој е подготвен да ја плати, но нагласи дека злоупотребите нема да бидат толерирани:

„Ако е тоа политичката цена којашто треба оваа влада да ја плати, којашто води дисциплинирана, без скандали политика, политика којашто ги брани националните интереси, политика на дисциплина, ред и поредок, во ред ќе ја платам. Но, мора да има ред и дисциплина. Не може веќе стихија, фирми инстант да ни се појавуваат, фиктивни фактури да пријавуваат за увози милионски, а потоа милионски суми поврат на ДДВ да бараат дека наводно робата им е складирана во магацин и без контрола на УЈП да им се враќа ДДВ-то. Е тоа веќе нема и затоа се таму кај што се, во притвори и во затвори. И допрва ќе има“.