Поставен камен-темелник во Спортскиот центар „Јасмин“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска престојуваше во Општина Кавадарци, каде присуствуваше на поставување камен-темелник на нов објект во рамки на Спортскиот центар „Јасмин“.
Во рамки на посетата беше извршен и увид во изградбата на новата картинг-патека во месноста Моклиште, со цел запознавање со динамиката на градежните активности на терен.
Благодарност за тимската работа во Кавадарци
Премиерот се заблагодари на локалните институции и пратениците за нивната ангажираност во реализација на проекти за граѓаните.
„Јас немам што да додадам на тоа што го кажаа и градоначалникот и министерот. Би сакал само да ја искористам оваа можност да се заблагодарам на градоначалникот за посветената работа, на советниците од советот коишто ја подржуваат работата на градоначалникот, на администрацијата во Општина Кавадарци“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека поддршката од сите чинители е клучна за реализација на проектите.
„Се разбира тука се и пратениците коишто доаѓаат од Општина Кавадарци кои се борат за проект повеќе да обезбедиме токму овде за жителите во Општина Кавадарци… бидејќи само така можеме да реализираме проект повеќе и да направиме нешто за граѓаните“, рече тој.
Над 1.200 проекти и продолжување на инвестициите
Мицкоски нагласи дека Владата продолжува со политиката на децентрализација и инвестиции во општините.
„Да се заблагодарам на министерот за спорт, на колегите од Владата коишто посветено работиме… тоа е реалокација на средства од централниот буџет кон општините… Зборуваме за повеќе од 1.200 проекти, преку 1.200 градилишта на целата територија на државата“, изјави премиерот.
Тој додаде дека Владата ќе продолжи со истата динамика и во иднина.
„Ние планираме да продолжиме и во годините коишто следат на овој начин да функционираме како Влада… успешните проекти треба да бидат продолжени“, порача Мицкоски.
Посетата ја заокружи со порака дека проектот треба да биде завршен во предвидениот рок.
„Уште еднаш нека е со среќа почетокот на изградбата… за година дена да се собереме повторно овде и да го пуштиме во употреба“, изјави премиерот од Кавадарци.
