Завршено реновирањето на Клубот на пратеници
Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, објави дека Клубот на пратеници е целосно реновиран. Тој нагласи дека одржувањето и грижата за државниот имот се клучни за неговото зачувување, бидејќи тој припаѓа на сите граѓани.
„Задоволство ми е што денеска, заедно со Златко и Ивица, сме во овој обновен објект. Треба да продолжиме да се грижиме за државниот имот, бидејќи тоа е сопственост на сите граѓани. Интересно е што дел од државниот имот, вклучително и објектите што ги користи државниот врв, сè уште не се евидентирани во имотен лист. Замислете, државата официјално не ги поседува, иако фактички е така. Реновирањето на Клубот на пратеници е симболично поврзано со нашата нова иницијатива – започнуваме теренски активности во општините, каде што се реализираат капитални проекти од програмата на Владата“, изјави Мицкоски.
Мицкоски се осврна и за Судскиот совет при денешната посета.
Мицкоски: Очекувам членовите на Судскиот совет да покажат доблест и сами да се повлечат
Започнуваат теренски активности низ општините
Во соработка со министерот за локална самоуправа, Златко Перински, Владата ќе започне посети на општините каде што се спроведуваат капитални инвестиции.
„Следниот период ќе биде динамичен и исполнет со многу проекти. Тоа се токму оние инвестиции што граѓаните ги бараат и што ним им се неопходни. Нашата цел е да обезбедиме видливи резултати и да покажеме дека Владата активно работи на подобрување на инфраструктурата и локалниот развој“, истакна премиерот.
Транспарентност и ангажман на граѓаните
Мицкоски повика на транспарентност во процесот и истакна дека граѓаните треба одблиску да бидат информирани за активностите на Владата.
„Ве повикувам да нè следите. Важно е овој процес да биде транспарентен и граѓаните директно да бидат информирани за сè што ќе работиме. Министерството за локална самоуправа ќе го координира целиот процес, а ние ќе бидеме постојано на терен за да ги следиме инвестициите во општините“, заклучи тој.