Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во интервју за МИА оценува дека Соединетите Американски Држави и актуелната администрација на претседателот Трамп ја гледаат Македонија како близок пријател, не само во регионот, туку и во Европа.
-Нивната поддршка кон нас останува непроменета не само кога станува збор за НАТО алијансата, туку и во делот на економијата и потенцијалните инвестиции кои што Соединетите Американски Држави ги имаат во Македонија – вели премиерот Мицкоски во интервјуто за МИА.
Тука, додава, посебно би го издвоил пристапот со ДФЦ, финансиската корпорација за развој, каде што имав средба со Каролајн Вик, која е практично одговорна за развој и инвестиции низ светот. Финансиското портфолио е околу 200 милијарди долари.
-Посетата ја искористивме за средби со различни структури во Вашингтон, со тинк тенкови, финансиски корпорации, за уште еднаш да ја потврдиме нашата определба и исто така да го потврдиме стратешкото партнерство кое го имаме како земја со Соединетите Американски Држави. Она што мене ме радува е фактот дека апсолутно во Македонија и во оваа Влада, Соединетите Американски Држави и актуелната администрација на претседателот Трамп гледаат како на близок пријател, не само во регионот, туку и во Европа, нагласува Мицкоски во интервјуто за МИА дадено во Вашингтон.
