Се трудиме да ги убедиме државните компании да не бараат зголемување на цената на електричната енергија во нивниот дел, но не можеме да влијаеме на приватните компании, посочи вечерва премиерот Христијан Мицкоски.

Тој во гостување во „Топ тема“ нагласи дека како Влада ќе направат сѐ државните АД ЕСМ и МЕПСО да не ја зголемат цената на нивниот дел од електричната енергија, за да нема зголемување на цената за крајните потрошувачи од 1 јануари идната година. Истакна дека цените на државните компании ќе останат исти како и досега, а за ЕВН Македонија рече дека не можат да влијаат на нивните побарувања, бидејќи се приватна компанија. Од Регулаторната комисија за енергетика, како што кажа, ќе зависи дали ќе ги прифати нивните барања и дали ќе ги оправда сите трошоци кои ќе ги прикажат.

Посочи дека се неопходни 345 илјади тони мазут за вклучување на ТЕЦ Неготино во енергетскиот систем на земјава за задоволување на потребите на потрошувачите на регулираниот пазар со електрична енергија во зимскиот период.

– Со тоа што не се купи мазутот кога беше висока цената на нафтата на светсктие берези се заштедија значителни средства – рече Мицокски.