Светите Кирил и Методиј, браќата благородни по срце и ум, ни го оставија најголемиот подарок. Писмото, словото, гласот на нашиот идентитет. Денес го празнуваме нивното дело. Делото на нашите првоучители. Светилници на словенската писменост и темелот на нашата духовна и културна самобитност. Тоа го истакна претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Тој се обрати на Свечената академија што по повод Денот на Светите Кирил и Методиј се одржа во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид.

Делото на Светите Кирил и Методиј – светилник низ вековите

Како што истакна тој, вредноста што тие ни ја оставија и еве повеќе од еден милениум е нашиот светилник низ сите бури. Низ сите предизвици и животни стрмнини кои ги искачуваме. Мицкоски посочи дека таа борба за право на свој глас, право на своја духовност, е основата на македонската вековна борба за самостојност, идентитет, и национално достоинство.

-Нивната мисија продолжува преку секој ученик што учи да чита. Секој писател што твори, секој наставник што пренесува знаење. Тие не се само минато — тие се вековен мост кон иднината. Денес, кога нашиот народ стои пред нови предизвици, кога светот се обидува да нè дефинира и објаснува, токму нивната мисија нè потсетува кои сме, рече тој.

Единството како клуч за опстојување на мали народи

Мицкоски се осврна на простодушните полемики, за тоа кои се Светите браќа, чии се, кому му припаѓаат, без да се види големата слика. Тоа е толку безначајно споредбено со прашањето дали и колку ги применуваме нивните пораки, зборови и завети кои ни ги оставија, порача тој.

– Никогаш нема да навлезам во таквата несуштествена реторика, затоа што ние самите не смееме да се поткопуваме себеси и најдобро знаеме кои сме, и од што сме создадени, рече тој.

Македонската православна црква – бедем на духовниот идентитет

Премиерот ја искористи можноста да потсети на улогата на Македонската православна црква. Како еден од најсилните бедеми на нашиот народ, мајката, како што рече, на нашиот духовен раст низ вековите, нашето засолниште и најсилен доказ за нашето постоење.

– Секој удар по нашата црква е удар по Македонија, по нашето постоење и битисување. Треба секој од нас да ја чува црквата, да ја почитува и да се бориме да придонесеме што повеќе со единство и знаење да победуваме на темите важни за нашата иднина. И ова однесување треба да биде подеднакво и внатре и надвор, и за оние во врквата и надвор од нејзе, рече тој притоа посочувајќи дека таков треба да биде и односот кон сите наши огништа кои се потврдата за нашето постоење – и кон најстариот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и кон нашата Македонска академија на науките и уметностите која била и продолжува да соединува многу мудри и достоинствени умови, синови и ќерки на нашиот народ и држава.

Претседателот на Владата во оваа пригода забележа на потребата од единство, порачувајќи дека „не сме премногу да се двоиме, и не сме пресилни за да се разединуваме“.

Одбрана од надворешни напади – стабилност со мудрост

– Сакам да се осврнам на две теми кои се суштествено важни за нашето постоење. Првата се надворешните напади, блокади и негирања со кои еве повеќе од 30 години како држава се соочуваме. Тие се насочени кон разјадување на темелите на нашето постоење. Најпрвин ашето знаме, народ, химна, јазик, култура. Мора да бидеме свесни дека многумина нашето битисување на овие простори не ги прави среќни, рече тој.

Тој посочи дека како човек и како претседател на Владата е многу спокоен, затоа што вели, знам кој сум, знам кои сме и што сме.

– И не треба да не вознемируваат таквите негирања, затоа што во глобалниот свет на поголеми и помали, на посилни и послаби, тоа е природен процес на докажувања. На помалите народи им преостанува да играат мудро и стабилно. А во однос на негирањата одговорот ќе го добијат и тие и сите други во оргиналните списи кои во оваа прилика се изложени на десетина метри од местото на овој мој говор. Со оригиналните ракописи на еден од многуте ‘големи’ за нашиот народ, Ѓорѓија Пулески, еден од првите што го истакнуваат постоењето на македонската нација и јазик пред два века. Веднаш до тие ракописи, стојат оригиналите од пишувањата на Крсте Петков Мисирков кој велеше секој народ има право да создаде свој литературен јазик, и тоа право им припаѓа и на Македонците. Денес треба да се определиме – дали сакаме да бидеме народ со своја посебност или ќе се изгубиме во туѓите народи, рече тој.

Што се однесува на темата на домашните превирања и на, како што рече, „внатредржавни сопки“ пред притисоците однадвор, премиерот ја посочи потребата од единственост во позициите кај сите.

-Замислете позиција каде ќе бидеме единствени, едногласни за најважните прашања, нешто што реално не случило овие 30 години. Замислете позиција каде нема да се делиме пред надворешните фактори, нема да паѓаме во нивните очи преку математиката на броење на прозападни и происточни крвна зрнца, каде ќе ги искористуваме сите шанси кои ни ги дава историјата за приклучок кон големите процеси на европско и светско ниво. Замислете позиција каде власта и опозицијата ќе делуваат единствено, нема да имаме внатрешни процепи, каде секој политички чинител, своите слабости и неподдршка од народот нема да ја надопоолнува преку попусливост пред меѓународниот фактор. Притоа морам да кажам дека судбината и шансата на малите народи е да се пронајде на мудар начин во интересите на големите играчи на политичката сцена. Тоа е единствениот начин на кој можеме да опстоиме. И ова добро мора да го запаметат и оние од опозицијата кога го напаѓаат договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство – па кажуваат дека долгот ќе се зголемел поради инвестициите, па лагата дека мигранти ќе се носеле, само за да издејствуваат некој политички поен за себе. Едноставно, и во историска и во секоја друга смисла не вреди таквата реторика, и се прави штета на државата, рече тој.

Замислете каде ќе бевме сега, додаде тој, доколку пред 30 години направевме силни пактови со нашите западни пријатели. Доколку тогаш и во сите години потоа не се делевме, не се каравме за стратешките цели. Склучувавме пријателства од кој бенефит ќе имаа сите граѓани. Не одете подалеку.  Погледнете неколку од нашите соседи, кои имаа таков пристап. Тие отидоа и подалеку и посилно, затоа што ги фатија и приграбија историските шанси.

За да се направи исчекор напред, потребно е градење на државно и национално единство. Подавање рака и клучна согласност за најважните прашања за татковината.

-Единството не значи да бидеме исти, туку да бидеме заедно во нашите разлики. Моите напори како човек кој ја има одговорноста да ја предводи Владата е да решам што е можно повеќе проблеми, но и да постигнам единство важно за државата. Мојата порака е за мобилизација на секој креативен потенцијал во функција на заедничката иднина, да постапуваме мудро и со голема енергија за промени. Да ја препознаеме важноста на моментумот да имаме договор и консензус за иднината на државата, рече тој.

Мицкоски посочи дека различноста не е слабост, туку сила. Силна е таа земја чии граѓани стојат еден покрај друг. Не поради страв, туку поради заедничка надеж. Не затоа што мораат, туку затоа што веруваат во заедничката иднина.

-Нашата историја е сведоштво за тоа што можеме да постигнеме кога сме обединети. Во најтешките времиња – кога сме биле притиснати, поделени, па дури и кога ни било одземено правото да зборуваме со свој глас – секогаш сме се издигнувале преку заедништвото. Денес, единството не се бара само на барикадите или во одбраната – туку во секојдневието. Во начинот на кој разговараме, на кој решаваме проблеми, на кој ја градиме нашата држава. Да бидеме нација која не се плаши од разлика, туку ја прегрнува. Народ кој знае дека само со заеднички чекори може да оди напред, рече премиерот истакнувајќи дека нема поголем патриотизам од обединувањето за доброто на сите, за татковината, порача премиерот Мицкоски.

На свеченоста обраќања имаа и поглаварот на МПЦ ОА г.г. Стефан и ректорката на УКИМ Биљана Ангелова.