Следните парламентарни избори ќе бидат во април 2028 година, а мојот мандат како претседател на Владата завршува за нешто повеќе од една година. Целта на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ е да слушнеме од граѓаните што е тоа што недостига и да се подобриме – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали најавената кампања на неговата партија е подготовка на предвремени избори.
– Не можам во секоја изјава да ја коментирам опозицијата, оставам на нивните ставови, но добро е како политичка партија да излеземе пред граѓаните и да слушнеме што е тоа што недостига за да можеме во овој меѓупериод да се подобриме во нашите политики, а и дел да вклучиме во програмата за следните избори, кои ќе бидат во април 2028 година. Некаде крајот на декември 2027 година ние имаме избор на техничка влада, така што би рекол дека мојот мандат како претседател на Владата е нешто повеќе од една година и еден месец и логично е дека и јас како претседател на Владата и Владата сакаме да слушнеме и онаму каде што сме помалку успешни, да бидеме поуспешни ако е тоа возможно во овој период, ако не, во следниот мандат, така што тоа е целта на оваа теренска активност очи в очи го граѓаните – изјави Мицкоски.
Посочи дека неговата Влада е отчетна и транспаретна и оти во изминатите две-две и пол години тој и нејзините членови се постојано во јавноста со изјави и присуствуваат на јавни настани.
ВМРО-ДПМНЕ вчера најави дека почнува активности на терен со посети на сите населени места за да се сретне со граѓаните.
– До крајот на годината претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ почнуваат интензивни посети на општинските комитети на партијата. ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија смета дека само на директни средби може да се слушне реалната ситуација или постојат работи што не може да се разберат од извештаи, статистики и состаноци зад затворени врати. На средбите ќе се разговара за реализираното, дали е почитуван рокот бидејќи само така може да има резултати. А тоа е начин и за подобро функционирање на надлежните и поголемо задоволство кај граѓаните. Целта е едноставна, да се разговара и да се слушне од граѓаните за она што функционира и за она што не функционира – соопшти вчера владејачката партја.
