Мицкоски со честитка за верниците кои денес го слават Божиќ

Премиерот Христијан Мицкоски со честитка до сите граѓани кои го прославуваат Рождеството Христово – Божиќ според грегоријанскиот календар им го честита празникот со искрени желби за благосостојба, духовен мир и добро здравје.

-Овие празнични денови нека ги исполнат домовите со радост, љубов и Божји благослов. Нека раѓањето на Спасителот ни донесе надеж, единство и топлина во срцата, особено во времиња кога ни е потребна заедничка сила и поддршка. Да подадеме рака кон нашите ближни и нашите сограѓани, без оглед на разликите, на оние на кои им е потребна нашата помош, на најранливите категории и на сите оние на кои се соочуваат со предизвици, пишува во честитката на Мицкоски.

Божиќ е празникот на дарувањето и споделувањето на меѓусебна љубов и разбирање.

Нашата традиција како земја и општество не научила низ вековите дека заедно сме посилни и заедно можеме да ги надминеме сите препреки и искушенија пред кои сме биле исправени.

Во духот на божиќната порака за мир и добра волја меѓу луѓето, посакувам голем напредок, перспектива и стабилност на нашата татковина. Нека празничните мигови ни бидат потсетник дека треба да се обединиме, бидејќи заедно можеме да градиме посилна, заедничка и поуспешна Македонија – земја во која секој граѓанин се чувствува ценет, заштитен и исполнет со надеж за поубава иднина.

Наша должност како генерација е да се бориме и со Божја промисла, да се избориме за подобар живот и подобра Македонија за сите нас како народ и за нашите идни поколенија кои доаѓаат. Да работиме посветено за да изградиме стабилна, економски силна и праведна држава, која ќе даде можност на сите за работа и среќен живот, тука во родната земја.

Нека Божиќната светлина ги осветли нашите заеднички цели кон подобро утре! Среќен и благословен Божиќ!

Христос се роди, напиша Мицкоски.