Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во „Тема на денот“ на ТВ Сител истакна дека ВМРО-ДПМНЕ со нетрпение ја очекува предложената резолуција од СДСМ за да може да даде свој инпут и да се постигне заеднички државнички став околу важни прашања, вклучувајќи ги и евроинтеграциите.

Мицкоски потенцира дека, доколку резолуцијата не се достави, СДСМ само се обидуваат да наметнат тема во јавноста.

„Доколку тоа не се случи, претпоставувам дека СДСМ во отсуство да наметне тема во јавноста, се обидуваа еве со конструкции, со лаги, со лешинарење, но не успеваа, па сега рекоа ајде ќе градиме тема врз основа на резолуција за црвени позиции. Во ред, ајде господа, повелете доставете ја во парламент и претпоставуваме дека најголемата политичка партија и коалиција, ако сакате, ќе мора да има и свое учество во содржината на истата“, рече премиерот.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи документ бланко.

„Тоа би било незрело, ако вие мислите дека таа не треба да биде препознаена и дека не треба априори да биде поддржана, бидејќи вие сте направиле толку квалитетен и сериозен документ. Не би се сложил со тоа дека ВМРО-ДПМНЕ тоа така ќе го подржи бланко“, истакна Мицкоски.

Премиерот заклучи дека целта е изградба на заеднички државнички став кој ќе ги земе предвид интересите на граѓаните.

„Со нетрпение ја чекам резолуцијата и сите ние да изградиме заеднички државнички став и да се сложиме по прашањата кои се важни за граѓаните, а секако евроинтеграциите се едни од тие прашања“, додаде тој.