Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека Владата целосно стои зад новиот Предлог-закон за игри на среќа, со кој се воведуваат сериозни ограничувања за работењето и рекламирањето на коцкарниците, а најави и следен чекор – регулирање на брзите кредити.

Владата подготвува мерки и за брзите кредити

Одговарајќи на новинарски прашања во Градската општа болница „8 Септември“, каде беа промовирани реновирани хируршки сали, Мицкоски посочи дека анализите покажале поврзаност помеѓу коцкарниците и канцелариите за брзи кредити.

„Некако крај тие казина како по правило се отвораат канцеларии каде што се даваат брзи кредити, следно на што ќе работиме ќе биде и тоа, но не би сакал да давам повеќе детали“, изјави Мицкоски.

Тој потврди дека Владата подготвува конкретни ограничувања и за компаниите кои нудат брзи кредити, но засега без дополнителни детали за моделот што ќе се применува.

Долговите како причина за иселување

Премиерот истакна дека според владините анализи, голем број граѓани како причина за напуштање на државата ги наведуваат наталожените долгови и финансиските проблеми.

Според него, токму затоа се подготвуваат политики кои треба да ја ограничат агресивната експанзија на индустријата за игри на среќа и лесно задолжување.

Забрана за реклами со јавни личности

Образложувајќи ги законските измени, Мицкоски рече дека Владата внимателно работела на решенијата, имајќи ги предвид сите параметри поврзани со оваа индустрија.

„Градовите почнаа да ни наликуваат со оние реклами и билборди како коцкарниците да се главна индустрија. Тоа не личи на ништо и со овој закон ќе се стави крај на таа перцепција кај граѓаните“, истакна тој.

Со новиот Предлог-закон, кој вчера беше утврден на владина седница и ќе биде испратен во Собранието, се воведуваат строги ограничувања за рекламирањето на игрите на среќа. Ќе биде забрането рекламирање надвор од деловните простории доколку има цел да ги поттикне граѓаните да учествуваат во игри на среќа, а се забрануваат и пораки што коцкањето го претставуваат како пат до финансиски успех, подобар живот или решение за лични и социјални проблеми.

Дополнително, се забранува рекламирање преку јавни личности и различни промотивни содржини.