На промотивниот настан на кој ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата официјално го претставија својот кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, премиерот и лидер на партијата Христијан Мицкоски упати силна порака за одговорност и промени во главниот град.

„Скопје денес е загубен во дневната политика, а жртва се граѓаните. Лоцирање одговорност мора да има за упропастениот град и оставениот хаос. Многу работа, посветеност и вистински луѓе на вистински места, тоа му е неопходно на Скопје, а Орце е вистинскиот избор,“ истакна Мицкоски.

Тој најави нов пристап во водењето на градот, со повеќе теренска работа и силни, компактни тимови кои ќе соработуваат меѓу централната и локалната власт.

„Тука сме за да работиме, а не да глумиме политика. Одговорноста пред граѓаните не е опција, туку обврска,“ порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

На собирот говореше и кандидатот за градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, кој доби отворена поддршка од партиското раководство и од членовите на коалицијата.