Премиерот Христијан Мицкоски денеска им се обрати на бруцошите на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, испраќајќи им порака да стекнуваат знаење, да патуваат и да го запознаваат светот, но никогаш да не ја забораваат својата татковина.

Со почетокот на новата академска 2026/2027 година, премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на првиот академски час на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде им се обрати на новите студенти.

Во своето обраќање Мицкоски рече дека наместо формално политичко обраќање, сака да им зборува на студентите како нивен колега и професор од друг универзитет, споделувајќи со нив искуства кои, како што рече, може да им бидат значајни во годините што следуваат.

Тој се потсети на своите студентски денови, нагласувајќи дека пред три децении и самиот бил бруцош и го започнал своето универзитетско образование.

Мицкоски посочи дека денешните генерации имаат можности што неговата генерација ги немала, особено поради брзата комуникација и социјалните мрежи, но истовремено предупреди дека тие носат и свои предизвици.

Премиерот сподели и дел од своето лично искуство, посочувајќи дека во текот на животот престојувал во Италија и Германија, како и дека бил визитинг-професор на Техничкиот универзитет во Виена.

Сепак, како што рече, без разлика каде одел, неговата водилка секогаш била Македонија.

„Каде и да одев, се враќав назад и знаев дека тука ќе го формирам моето семејство и тука ќе го продолжам мојот живот“, порача Мицкоски.

Тој додаде дека истиот принцип го пренесува и на своите синови Јован и Антони – да патуваат, да стекнуваат знаење, да го запознаат светот и да не ги одбиваат можностите што ќе им се укажат, но истовремено да знаат каде е нивниот дом.

„Крајот да се вратат дома и заедно дома да се бориме за нашата заедничка татковина Македонија“, рече Мицкоски.

Во обраќањето тој им порача на студентите да не веруваат во идеализираната слика за животот што често се прикажува на социјалните мрежи.

„Тоа што секој сака да ви каже и да ви го претстави на социјалните медиуми, тоа во суштина не е вистинскиот живот. Вистинскиот живот е борбата којашто ве чека, борбата за вашето семејство и борбата за вашата родена земја, Македонија“, порача премиерот.

Мицкоски упати порака и до професорите на УГД, нагласувајќи ја нивната одговорност во образувањето на младите генерации.

Според него, професорите имаат „една од најубавите работи на светот“ – да го пренесуваат своето знаење на младите луѓе, од кое понатаму ќе зависат нивните животи и идните семејства.

„Бидете тоа што треба да бидете. Бидете нивните педагози и нивниот пример како понатаму во животот треба тие да бидат пример за своите деца и за своите семејства“, им порача Мицкоски на професорите.

На крајот од своето обраќање, тој повторно им се обрати на бруцошите, посакувајќи им успешни студентски години исполнети со знаење, учење и нови пријателства.

„Инспирирајте се од убавините на вашата татковина Македонија, работете за вас, за вашите семејства и за нејзе, бидејќи поубаво место друго на светот немаме“, порача Мицкоски.