Вистинското лице на Бугарија е разоткриено, смета Мицкоски
Вистинското лице на Бугарија, според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е конечно обелоденето пред светот, а тоа лице, како што рече, е резултат на долгорочна антимакедонска политика која трае со децении.
На денешната вонредна прес-конференција, тој нагласи дека политичарите во Европа биле свесни за бугарските задни намери уште пред формулирањето на францускиот предлог, но сепак продолжиле со поддршка.
„Токму затоа и потсетувам на она признавање на Бугарија од 90та како прв сосед. Тоа поврзано со сите нивни активности и дејствија сите овие децении наназад, но и историски гледано во крајот на 19тиот и 20 век, нам ние јасен показател дека тие имаат јасна агенда и план и дека се водени од мислата да ја уништат македонската нација и идентитет. Скептиците ќе речат кому му е гајле што се разголени Бугарите кога успеаја во намерите, а европските политичари пред да го направат оној предлог биле свесни за тоа, за задните намери на Бугарија. Точно е тоа. Ние тоа го знаевме“, изјави Мицкоски.
Крушевскиот манифест е симбол на отпорот и идентитетот
Како што истакна Мицкоски, актуелната состојба не претставува изолиран настан, туку дел од подолга борба за зачувување на македонскиот идентитет. Тој повлече паралела со историскиот документ Крушевски манифест, нагласувајќи дека македонската страна отсекогаш стоела на страната на правдата и слободата.
„Јас ќе одговорам, конечно и не треба никому да му биде гајле, туку треба нам да ни е грижа да види светот, да видат народите од светот, со какви предизвици и неправди се соочуваме како држава и народ во 21виот век, и да оставиме трага за вистината зад една битка на една генерација. Ова е нашиот крушевски манифест со кој конечно мора ние самите да се мобилизираме да ги збиеме редовите и да ги мобилизираме сите пријатели и сојузници, затоа што ова е борба за фундаментални, основни човекови права и вредности. И ние сме на вистинската страна од историјата. А Бугарија видовме низ историјата дека знае и да ја утне вистинската страна. И оваа борба ниту почнува ниту завршува денес“, подвлече Мицкоски.
Мицкоски ја опиша борбата како генерациски предизвик, кој бара јасна позиција и мобилизација на целото општество. Тој повика на сплотеност и поддршка од пријателите и меѓународните партнери.