Денес сме собрани да одбележиме еден значаен јубилеј – 24 години постоење на Централниот регистар. Дваесет и четири години мотивација, посветеност и резултати што ја одбележуваат траекторијата на оваа институција и ја потврдуваат нејзината улога како столб на македонската економија“, истакна претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски во своето обраќање по повод 24 години постоење на Централниот регистар.

-Водејќи се од стратегиските приоритети на Владата, особено ми е драго што институции како Централниот регистар се природно вградени во нашата визија – визија за правна држава, силни институции и модерна, професионална и отворена јавна администрација, рече Мицкоски.

Тој истакна дека изградбата на современа и ефикасна администрација, базирана на дигитализација и насочена кон брзи и квалитетни услуги за граѓаните и компаниите, е процес што бара време, упорност и визија, и според него, Централниот регистар е пример токму за тоа – модерна и современа организација, која со своето работење создава услови за подобра економија, поголем развој и стабилност на државата.

-За едно општество да биде функционално, мора паралелно да се вложува на сите нивоа. Нашата мисија е јасна – забрзан и одржлив економски пораст, подобар животен стандард и квалитет на живот за граѓаните. За тоа да се постигне, неопходно е да обезбедиме стабилна бизнис-клима, олеснети услови за почнување и водење на компании, повеќе можности за инвестиции и повеќе квалитетни работни места за нашата младина“, потенцираше Премиерот и додаде:

„Централниот регистар, со своите дигитализирани услуги, со својата експертиза и поврзаност со меѓународните стандарди, претставува клучен промотор на бизнисот и старт-ап екосистемот во Македонија. Со својата достапност и брзина, оваа институција стана точката од која започнуваат многу деловни приказни. Особено значајно е тоа што Централниот регистар не застанува само на дигитализацијата, туку активно се вградува во европските стандарди за транспарентност, борба против перење пари и финансирање тероризам. Решенијата што ги создавате денес служат не само на граѓаните и на компаниите, туку и на државата и меѓународните партнери, правејќи ја Македонија позитивен пример во регионот и пошироко“.

Мицкоски го истакна и фактот дека Централниот регистар е највисоко рангирана институција во државата според евалуациите на Министерството за јавна администрација, признание што се заслужува со работа, посветеност и визија, и тоа е доказ дека институцијата е двигател на реформите.

Тој ги охрабри и другите институции да го следат овој пример – пример на иновативност, транспарентност и постојано усовршување и како што кажа само така ќе изградиме јавен сектор што ќе биде вистински сервис за граѓаните и двигател на економијата.

-Посебно ме радува што Централниот регистар ја гледа младината како свој сојузник. Обуките, работните средби и промоцијата на услугите кај младите создаваат нова генерација мотивирани луѓе што ќе влезат во светот на бизнисот, подготвени да ја движат Македонија напред. Денес, по 24 години, можеме со гордост да кажеме дека оваа институција е пример за тоа како се гради доверба, како се гради систем и како се гради иднина.

Како претседател на Владата, дозволете ми да изразам искрена благодарност и честитки до целото раководство и сите вработени во Централниот регистар за вашиот труд, упорност и посветеност. Вие сте доказ дека кога има визија и тимска работа, резултатите не изостануваат. Продолжете со уште поголема енергија и посветеност. Сите заедно сме сведоци дека успехот се препознава и се наградува, истакна премиерот Мицкоски во своето обраќање.