Договор за 11.000 вработени ќе важи до 2028 година

Владата на Република Македонија и репрезентативните синдикати од областа на администрацијата постигнаа договор за зголемување и усогласување на платите, кој ќе опфати околу 11.000 вработени, вклучувајќи и судии и обвинители, и ќе важи до 2028 година.

Премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференцијата изјави:


„Добар ден и од мене. Би сакал да се приклучам кон информацијата којашто и Трпе и Благоја од УПОЗ и САДУ ја пренесоа до медиумите, до јавноста и до вработените во јавната администрација, но и до вработените во судовите и обвинителствата. Ова е еден поширок пакет, ќе бидат опфатени и вработените во судовите и обвинителствата, околу 11 илјади вработени.

Со ова целосно Владата, како најголем работодавач, практично со своите колеги воспоставува договор и тој договор е со рок на траење до 2028 година. Претходно имавме вакви договори со вработените во образованието, здравството и останатите институции, така што кога сето ова ќе се заокружи, ние како Владата ги регулиравме нашите односи со нашите колеги во рамките на институциите.

Како што и самите претседатели Трпе и Влагоја кажаа, ова е историски момент, бидејќи досега никогаш порано не се случило да имаме ваков план за зголемување на платите и нивно усогласување, да дојдеме до некое достоинствено ниво. Цениме дека овие се храбри чекори кои ги правиме, дури и во услови на светски предизвици кои влијаат на економијата, како и во услови на внатрешни предизвици, со едно домаќинско и зрело одговорно работење со државната каса, на начин на кој можеме сето тоа да го исполниме како држава.

Постигнувањето на договорот понатаму треба да се операционализира преку индивидуални договори. Како што споменаа и двајцата претседатели, а ние како Владата го повторуваме веќе подолго време, општиот колективен договор е истечен, иако во завршните преодредби стои дека тој останува во сила се додека не се донесе нов.

Сме подготвени како Владата да седнеме и во овој период до 2028, се разбира очекувам тоа да биде во пократок период, заедно со двата репрезентативни синдикати, во случајов ССМ и КСС, да испреговараме нов општ колективен договор, кој ќе биде единствена алатка врз основа на која ќе бидат исплаќани платите. Таа алатка ќе ја имаат и работниците и Владата.

Цениме дека една ваква вин-вин комбинација може двете страни да добијат, а најмногу граѓаните и државата, се разбира. Можеме да го направиме тоа со едно зрело работење и со доверба која, мислам, полека но сигурно со одредени структури во синдикатите ќе овозможи влада и синдикати да дојдат до едно заедничко решение.“

Трпе Дејановски, претседател на УПОЗ, истакна дека после година и пол преговори и барања на синдикатот, е постигнат договор за околу 10.000 вработени.

„Ќе се потпишуваат поединечни колективни договори со кои конечно вработените од управата и правосудството ќе имаат методологија за покачување на платите. Ова ќе им овозможи поповолни права од она што е утврдено во општиот колективен договор и ќе обезбеди систем кој од 2028 гарантира достоинствени плати за работата што ја извршуваат.“

Договорот, како што рече Дејановски, треба да се прецизира текстот на колективниот договор, којшто е најмал проблем и во наредниот период да се потпишат сите индивидуални колективни договори за да може вработените да добијат повисоки плати.