Премиерот Мицкоски учествува на 50-годишнината на ЕНП
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, присуствува на Самитот на Европската народна партија во Брисел. Тој истакна дека два дена се посветени на одбележување на 50-годишнината од формирањето на ЕНП, најголемата политичка сила во демократска Европа, чиј нераскинлив дел е и ВМРО-ДПМНЕ, најголемата политичка партија во Северна Македонија.
„Добар ден од Брисел, ве поздравувам од името на ВМРО-ДПМНЕ, два дена сме овде во Брисел да ја одбележиме 50 годишнината од формирањето на Европската народна партија, најголемата политичка сила во демократска Европа, чиј што нераскинлив дел претставува и ВМРО-ДПМНЕ, најголемата политичка партија во Македонија“, изјави Мицкоски.
Самит на лидери и дискусии за глобални предизвици
Мицкоски посочи дека покрај официјалната прослава ќе се одржи и Самит на лидери, претседатели на политички партии дел од семејството на ЕНП. На средбата ќе се разговара за економската перспектива на европскиот континент, како и за глобалните предизвици, меѓу кои се војната во Украина, конфликтите во Заливот и ситуацијата во Иран. Дополнително, ќе се разгледува и прашањето за зголемување на конкурентноста на европските економии.
„Она коешто претставува наша цел и она кое претставува наш посебен интерес е разговорот околу проширувањето на самата Европска Унија, но и сите оние постигнувања и реформи коишто изминатите месеци како ВМРО-ДПМНЕ, односно како македонска Влада ги направивме“, потенцира Мицкоски.
Партиска делегација и присуство на конгресот
Премиерот Мицкоски е дел од партиска делегација која ја сочинуваат генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, и членот на Извршниот Комитет, Стефан Андоновски.
Во следните два дена, делегацијата ќе присуствува на Конгресот на Европската народна партија, каде се поканети и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.
