Нелегалниот пешачки премин кај Бит Пазар и понатаму претставува една од најризичните точки за пешаците во главниот град, а тоа се потврди со сериозниот инцидент што се случи вчера.
Имено, автомобил удрил жена и маж кои го преминувале коловозот при што двајцата се здобиле со телесни повреди и биле пренесени на лекарска помош, но според првичните информации нивните животи не се во опасност, јави Алсат.
На местото на настанот интервенирале екипи на Итната медицинска помош и полициски службеници, кои извршиле увид и работат на целосно утврдување на околностите под кои се случила несреќата.
Инцидентот повторно ги отвори прашањата за безбедноста на оваа локација, каде во изминатите години се регистрирани десетици сообраќајни незгоди со пешаци.
„Ги видов само кога паднале, не видов подалеку, но велат дека дошле од тука и таму. Тука треба да се постават семафори, нема друг начин“, изјави еден граѓанин кој бил во близина на местото на несреќата.
Граѓаните бараат преминот конечно да биде легализиран и соодветно обележан со бели линии, вертикална сигнализација и семафори, со цел да се намали ризикот од нови сообраќајни незгоди и да се зголеми безбедноста на пешаците.
