Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на собраниска седница остро реагираше на работата на членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Според него, и покрај изгласаната недоверба,  членовите на Судскиот совет продолжуваат да ја вршат својата функција. Да примаат илјадници евра плата, иако нивната доверба од граѓаните е помала од 2%.

Мицкоски изрази незадоволство поради фактот што тие исти луѓе се наоѓаат во позиција да донесуваат важни одлуки. Посочи дека таквата ситуација укажува на сериозни проблеми во правосудството. Особено го критикуваше постапувањето на Советот на јавни обвинители. Според него, не ги донесува праведните одлуки, наведувајќи конкретен пример во кој обвинител побара намалување на казната за осуден, што било прифатено од неговиот надреден.

„Образ ѓон! Зарем вие очекувате нешто различно од нив да донесат како одлука?“, праша Мицкоски. Тој  истакна дека правдата мора да биде неприкосновена за сите.  Реформите во правосудниот систем се во завршна фаза и се очекува да бидат донесени до крајот на јуни. Сепак премиерот  не е сигурен дали ќе има ефект, ако вакви судии и обвинители продолжат да ја водат правдата.

Мицкоски уште еднаш потврди дека реформите се дел од реформската агенда, но изрази загриженост дека „мала група од судиите и обвинителите“ го контаминира целокупниот правосуден систем. „Не сите, но таа мала група го контаминира она поголемо ткиво кое заслужува да биде и судија и обвинител“, додаде тој.

Извор: Курир