Премиерот Христијан Мицкоски реагираше на одлуката на обвинителот во случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој животот го загубија 14 луѓе.
Мицкоски остро ја критикуваше одлуката, посочувајќи дека станува збор за трагедија во која луѓе ги загубија животите.
„За жал, обвинителот којшто е во заминување, бидејќи, од тоа што сум информиран, е распишан оглас за избор на нов обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал, претпоставувам, своите должничко-доверителски односи кон претходната влада одлучува да до крај ги испорача и не му значи тоа што живи гореа 14 луѓе“, изјави премиерот.
Мицкоски оцени дека одлуката не претставува политичка амнестија и нагласи дека, доколку се појават нови детали или докази, случајот може повторно да биде отворен и постапката да продолжи.
„Секогаш можат да се појават нови детали коишто се поврзани со овој процес и секогаш овој процес може повторно да стане актуелен и практично пред јавноста да се покрене од самиот почеток“, истакна Мицкоски.
Премиерот нагласи дека трагедијата во модуларната болница во Тетово не смее да биде заборавена и дека јавноста заслужува целосно расчистување на случајот.
Во пожарот во модуларната болница во Тетово во 2021 година загинаа 14 лица.
