„Изборите се можност да испратиме порака, да можат граѓаните да почувствуваат во која насока ќе се движи државата, во која насока Владата ќе ги води политиките на централно ниво. Но истовремено да слушнете кога станува збор за локални избори, кој е правецот и насоката во која што ќе оди вашата општина“.
Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски на народниот митинг во Дојран.
-На овие избори имаме две опции, трета опција нема. Едната опција е полуформална, на моменти неформална, а по својата суштина длабоко формална коалиција во која членуваат партии кои се здружиле поради две основни цели – желбата за власт и патолошката омраза кон ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица. Се осојузиле Венко, Али и Димче затоа што власта им е помила од се во животот, па и од принципите, но и од патолошката омраза која ја имаат кон ВМРО-ДПМНЕ, толку силна што успеа да ги премости сите нивни разлики. Втората опција е коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски.
Тој посочи дека кога граѓаните ќе ги анализираат овие две опции, ќе дојдат до неколку заклучоци.
-Првиот заклучок е дека првата опција на коалицијата со слоган „Се бориме за нашиот дом“, јасно потсетуваат дека имаа 7 години Влада во Македонија, 7 години можност да се борат за нашиот заеднички дом, нашата татковина Македонија. Освен што направија голем пустош, ја ограбија Македонија и граѓаните, ја распродадоа државата, друг спомен од тие години, не можеме да се сетиме, рече Мицкоски.