За време на нивниот неколкудневен престој, нивни домаќини се млади од кавадаречката младинска организација, Совет за превентива против малолетничка деликвенција.
Ѓорѓи Нанчев, координатор во СППМД, појасни дека средношколците од Барселона се во Кавадарци во рамките на младинска размена преку Еразмус плус програмата.
– Заедно со организацијата партнер од шпанска страна, сме дел од овој проект со активности за активизам и волонтеризам. Во него се вклучени по десет средношколци од 16 до 18 години од двете земји, плус по двајца лидери. Гостите имаат можност, меѓу другото, да се запознаат со нашата историја, култура и традиција, запознавајќи ги нашите знаменитости. Ќе ги посетат и Скопје и Охрид, рече Нанчев, најавувајќи и многу други проекти како и досега.
Кавадаречкиот градоначалник Јанчев им рече дека Општината го практицира волонтерството често и во многу области. Тој информираше дека има волонтери кои доаѓаат да волонтираат, па одлучуваат да останат во Кавадарци.
Се трудиме за младите да направиме секогаш повеќе, нагласи тој, споменувајќи неколку проекти на кои се работи и истакнувајќи дека Младинскиот центар функционира одлично.
Гостите изразија задоволство од посетата, а се интересираа и за проекти на Општината, особено за проекти за младите.