– Да се води политика за младите значи да престанеме да зборуваме за нив само како за иднината и да почнеме да ги третираме како активни учесници во сегашноста. Младите не сакаат институциите да ги повикуваат само на конференции или симболични настани. Тие сакаат нивните идеи да бидат слушнати, разгледани и претворени во конкретни решенија, вели министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски во интервју за Курир.
Додава дека нивните најголеми грижи се поврзани со квалитетното образование, пристапот до достоинствена работа, домувањето и можноста за самостоен живот. Дополнителен проблем е недовербата во институциите, создадена поради многу ветувања што не биле проследени со резултати.
– Нашата цел е да воспоставиме постојан и отворен дијалог со младите од различни општини, социјални средини и професионални профили. Не смееме секогаш да разговараме само со истите организации и претставници. Треба да ги слушнеме и младите кои досега не чувствувале дека имаат пристап до институциите. Не сакам само да им кажуваме на младите дека се иднината. Сакам уште денес да почувствуваат дека се важен дел од државата, истакна министерот во интервјуто.
